Граѓаните се согласуваат дека подобро е да има избори кон крајот на август или септември со цел да се намали ризикот од новозаразени од коронавирус и да се обезбеди поголема излезност.
Податоците од најновата анкета на ИПИС говорат дека 40,2 проценти од испитаниците се согласиле со избори во август или септември, додека 24,8 проценти сметаат дека подобро е да има избори на почетокот на јули за да има целосно функционални институции.
На ова прашање се изјасниле дека немаат одговор 35 проценти од анкетираните.
За разлика од април пак, кога граѓаните главно беа задоволни од тоа како Министерството за здравство и Владата се справува со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, веќе во јуни, расположението е сосема поинакво. Незадоволството од преземените мерки на власта расте, покажуваат резултатите.
Истражувањето покажува дека за разлика од април кога 39,7 отсто од испитаниците беа задоволни од работата на надлежните во справувањето со коронавирусот, во јуни таа бројка е 17,2 отсто. Незадоволството од работата на властите исто така порасна речиси тројно - во април 12%, а во јуни 32% одговориле дека не се задоволни од работата на надлежните.
Незадоволството во јуни е исто така поголемо во однос на април и за тоа како Македонија се справува со кризата во споредба со земјите од регионот - 48,3% сметааат дека тоа го правиме полошо, за разлика од април кога 17,1 отсто од испитаниците рекоа дека сме послаби од земјите во соседството.
Институтот за Политички Истражувања од Скопје (ИПИС) истражувањето го спроведе во периодот помеѓу 2 и 5 Јуни 2020 на 1100 полнолетни испитаници на ниво на Република Македонија. Во истражувањето граѓаните ги изразуваа своите ставови за состојбите со коронавирус.