Тоне медицинскиот персонал во ГОБ „8-ми септември“. Додека властите тврдат дека држат се под контрола, лекарите стравуваат од периодот што доаѓа оти се исцрпени и, како што велат, работат во тешки услови.
-Инфицирани ни се 15 вработени од кои двајца се доктори, а останатите среден медицински персонал. Сите биле адекватно заштитени со соодветна заштита па сметаме дека изворот е од надворешна средина. Здравствениот персонал работи со максимална ангажираност, но се чувствува веќе исцрпеност, работи во тешки услови, под стрес“, вели за Алфа доктор Маја Василева Дугановска, специјалист по инфективни болести.
Таа објаснува во каква состојба стигнуваат пациентите последниве денови:
-Доаѓаат многу доцна со откажување на функцијата на белите дробови, неправилно дишење, помодрување на усните и на рацете, со ниско кислородно заситување и веднаш по приемот мора да бидат ставени на машина. Сакам да апелирам до сите граѓани, да ги почитуваат мерките кои се пропишани, носење маски, миење раце, одржување на физичка дистанца и неопходно да бараат лекарска помош на време, вели Дугановска.
Во „8 Септември“ во моментов се лекуваат 55 пациенти. 15 од нив со тешка клиничка слика – 10 биле поставени на респираторна машина, а петмина дишат со помош на кислород.