Водејќи се од „транспарентноста“ и “отворената соработка“ која Владата на Република Македонија, Министерството за здравство и министерот Венко Фелипче ја прокламираат во јавноста и верувајќи дека политиката овој пат навистина ќе биде тргната на страна, редакцијата на Makpress.mk се реши да упати три „прости“ и едноставни прашања во врска со коронавирусот до официјалниот меил за комуникација и поставување на новинарски прашања на министерството за здравство согласно протоколите.

Водејќи се од светските написи, следејќи ги светските и европските искуства и информации, со надеж дека ќе добиеме стручен одговор, бидејќи нашата редакција нема новинар кој добро ги познава здравствените состојби ниту пак експерт од таа област, се решивме да го прашаме Министерот да ни одговори, потврди или демантира, како што рековме, на три прости прашања.

Читајќи низ светските медиуми, наидовме на статија во која се вели дека респираторите не се терапија и дека смртноста кај пациентите со коронавирус поставени на респиратори е многу висока. Исто така во истата статија стоеше:

- „Респираторот не е терапија. Тоа е мерка за поддршка додека чекаме телото на пациентот да закрепне“, вели докторот Роџер Алварес, специјалист за белодробни заболувања од Универзитетот на Мајами, кој е лидер во напорите да се користи азотен моноксид за да се држат пациентите што е можно подолго без респиратор.

Па затоа се решивме да го прашаме министерот, тргнувајќи од фактот дека е доктор а се со цел да не објавуваме текстови кои би соддржеле шпекулации, дали кај нас се користи азотен моноксид во процесот на лекување на пациентите.

1. Засилени се информациите дека пациентите поставени на респираторна машина многу тешко ја надминуваат инфекцијата а процентот на смртност кај овие пациенти е многу висок. Во таа насока неколку земји разгледуваат можност за користење на азотен моноксид како помош при дишењето на пациентите пред да се премине кон приклучување на респиратор. Дали во Македонија се применува протокол за лекување со азотен моноксид и доколку не дали можеби се размислува во таа насока?, го прашавме Филипче.

Понатаму во неформални разговори со медицински лица од нашата земја ни беше посочено дека постои ризик од добивање на други инфекции кај пациентите кои се приклучуваат на респиратори па исто така, со цел да не објавуваме текстови во кои би тврделе дека тоа е вистина и реалност, го прашавме министерот колкава е опасноста од таквата појава.

2. Колкава е опасноста, односно колкав е ризикот од внесување на дополнителни бактерии кај пациентите кои се приклучуваат на респиратори, како и колку често истите се стерилизираат?

И третото просто прашање произлезе од тогаш актуелноста во светски рамки и насоките од СЗО за пронаоѓање на нулта-пациентот со коронавирус во државите.

3. Постои ли можност и дали институциите во Македонија имаат капацитет да го пронајдат нулта пациентот со коронавирус. Ако да, на кој начин би се одвивал тој процес за лоцирање на нулта пациентот и во кој временски период јавноста би можела да ја има таа информација?

На наше изненадување, брзо реагираа со повратен меил од министерството за здравство во кој не известија:

Почитувани, Само што ве додадовме во мејлинг листата за испорака на соопштенија и прашањата ќе бидат поставени на прес-конференцијата. Среќни велигденски празници! Поздрав, Ангела., стоеше во одговорот на министерството на 18-ти април 2020 година.

Но повторно, на наше изненадување, прашањата никогаш не добија одговор од министерот за здравство Филипче. Ниту на прес-конференциите ниту пак преку писмен, електронски пат. Зошто и поради кои причини, најдобро знае тој и неговиот ПР тим.

Оттука како редакција, сакаме да му укажеме на министерот Филипче, дека порталот Makpress.mk е дел од регистарот на професионални медиуми и членка на Советот за етика во медиумите и поради тие причини иако подготвувани текстови на погоренаведените теми кои требаше да бидат комплетирани по добивањето на одговорите, бидејќи не добивме одговори, потврдни или негативни, како професионален медиум кој ги запазува стандардите во целост, одлучивме истите да не бидат објавени.

Во тој контекст, редакцијата на Makpress.mk ја прифаќа благодарноста упатена од министерот за коректноста во известувањето на медиумите, бидејќи цениме дека во текот на цела корона-криза нашето известување е во целост коректно, без пласирање на лажни вести, лажни информации, теории на заговор, бркање на непроверени ексклузивки, манипулација со бројки, лажни обвинувања и слично и воедно упатува благодарност до министерот за во најмала рака „некоректниот“ однос кон нашиот медиум и игнорирањето на три „лаички“ прашања.

Воедно, како редакција, имавме уште многу прашања кои би му ги поставиле на министерот, но заклучивме дека трудот на нашите новинари и соработници не е вреден да се троши кога министерот за здравство Венко Филипче ги избегнува коректните и пред се стручни прашања од страна на нашиот портал.