Во нервозна и помалку арогантна прес-конференција Претседателот на комисијата за заразни болести Жарко Караџовски истакна дека тие како комисија предложиле карантински викенд за Рамазан Бајрам и не можат да бидат виновни што Владата се одлучила да не го прифати нивниот предлог.

Комисијата за заразни болести со која во моментов претседавам е стручно советодавно тело на министерот за здравство. Не сме поврзани со Влада, со кое било друго министерство или не сме поврзани со која било политичка партија. Ова го истакна на денешната „он лајн“ прес – конференција претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, по дискусијата помеѓу него и новинарите, кои побараа покоректен однос од негова страна.

-Ние му кажуваме на министерот Венко Филипче кое е нашето стручно размислување за одредени проблеми коишто се јавуваат во државата. Министерот има опција „А“ да не не тангира воопшто и да рече дечки вашето мислење го примив на знаење, ама јас на Влада ќе кажам нешто сосема трето. Второ, Главниот кризен штаб може секоја наша одлука да ја преиначи или дополни, рече Караџовски.

Во контекст на тоа, посочи дека како што за одлуките Уставниот суд не се коментира, „така и ќе каже дека за одлуките на Главниот кризен штаб и на Владата не се коментира“.

-Ние не сме владини луѓе. Ние сме професионалци од областа. Јас сум 27 години професионалец, во 13 министерски влади што биле претходно, рече Караџовски.

Тој додаде дека Комисијата за заразни болести чиј претседател е тој изготвува свои протоколи и ги дава на министерот за здравство на усвојување на Влада. Ние, рече, сме стручно советодавно тело на министерот за здравство.

-Ние не сме влада на државава. Ние не сме луѓе коишто се директно инволвирани во донесувањето на одлуките. Главен кризен штаб на оваа држава ги донесува одлуките. Би сакал да ве потсетам дека Комисијата предложи едни мерки за муслиманскиот празник Рамазан Бајрам, но Владата одлучи сосема нешто друго.

Караџоски истакна дека добрата страна на ова зголемување е што најголем број на случаите се во познати кластери, кои како што рече се четириесеттина, како и тоа што има голем број асимптоматски случаи, или случаи со лесна клиничка слика, со помалку хоспитализации и помал број лица поставени на респиратор.