Одговорајќи на новинарски прашања Претседателот на комисијата за заразни болести Жарко Караџовски вели дека не чувствува одговорност поради зголемениот број на новоинфицирани случаи со коронавирус во нашата земја и додаде дека не убил никого па да чувствува одговорност.
-Сум давал стручно мислење за одредени проблеми во државата. Одговорност се случува оној момент кога некој ќе направи кривично дело. Мојот став бил секогаш стручен, издржан, епидемиолошки, а кој се сеќава на мојата последна изјава мојата идеологија е епидемиологија. И во владите на ВМРО-ДПМНЕ сум бил член на оваа Комисија и во владите на СДСМ и во владите кога верувам дека вие сте биле уште студентка, во 1993, 1994 година, рече Караџовски.
Посочи дека пред 27 години се борел со 20-30 епидемии. – Ланската година зборував 19 пати на телевизија за морбилите. Зошто тогаш не рековте дали има обврска или некаква морална да не речам и стручна одговорност кога промовирав вакцинација дека само со вакцинација ќе можеме да го победиме морбили вирусот. Зошто после 19 изјави мои во коишто бев сатанизиран од антивакс кампања, или сатанизиран што тоа предлагам после 55 илјади вакцини дадени во државава дали имаме сега морбили. Еве, одговорот е немаме морбили. Зошто? Ги победивме морбилите. Ниту тогаш сум чувствувал одговорност што сум излегол 19 пати на телевизија, ниту денеска чувствувам каква било одговорност. Се што работам, работам во интерес на државата. А колку пати не сум ручал, вечерал или дошол дома тоа јас знам. Ве молам, ова е оној некоректен однос кога некој некого обвинува за дело што го нема направено. Кога ќе ме прашате дали одговорност, обратното прашање не би знаел како јас да го поставам дали не чувствувам одговорност, истакна Караџовски.