Додека Скопје го живее 80-часовниот карантин, односно скопјаните кои викендов не отидоа никаде, градоначалникот на главниот град Петре Шилегов продолжениот карантински викенд го поминува во неговата викендичка во Маврово, пренесува Телевизија 24.
Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски пак, преку социјалните мрежи ги повика граѓаните да седат дома, пред да почне викендот но тој на социјалните мрежи објави слика од Беровското езеро.
„Ви посакувам убав викенд и ве поздравувам од преубавото Беровско езеро“, напиша генералниот секретар Љупчо Николовски.
По реакциите во јавноста дека е лицемерно да се повикуваат граѓаните да седат дома а политичарите да не го прават тоа и наместо во своите домови тие да бидат на излетнички места, Николовски се дообјасни дека на кратко “тркнал“ до Берово на чист воздух.
- Благодарен сум и среќен што на истокот каде што е мојата изборна единица, мерките се помалку рестриктивни и нема целосна забрана на движењето, па имав шанса на кратко да отидам на чист воздух до Берово, во најубавата природа од овој дел од земјата.
Ви го пишувам ова од мојот роден град, Крива Паланка. Не сум прекршил никаков карантин, ниту некогаш ќе го игнорирам поставениот ред.
Има други неодговорни политичари и поединци кои го прават тоа, и со лажни вести истото нема да им се покрие.
Верувам дека ова е последниот ваков викенд и дека сите сфативме дека до победа над вирусот се доаѓа само со дисциплинирано држење до мерките и со силна ангажираност и одговорност од секој од нас. Нема друг начин.
Да го оставиме сето ова зад нас што побрзо. Знам дека можеме, напиша Николовски.