Министерот за здравство Венко Филипче попладнево упати апел до медиумите да не објавуваат непроверени информации за бројот на заболени од КОВИД-19.

– Деновиве голем број на медиуми уште рано наутро објавуваат неофицијални и речиси секогаш неточни информации за бројот на новозаболени. Од самиот почеток на оваа криза лично јас и целиот мој тим за односи со јавноста сме ваш партнер. Веќе 100 дена навремено, прецизно и транспарентно ја известуваме јавноста. Ги соопштуваме сите детали за новозаболените од Ковид-19, се со цел медиумите да имаат точна информација. Уште еднаш ги замолувам медиумите да престанат да изнесуваат шпекулативни и непроверени информации околу бројот на заболени лица од Ковид-19. Ги молам да ја зачуваат својата улога и задача која ја имаат кон јавноста за навремено, точно и проверено известување, напиша Филипче на Фејсбук.

Непримерно е, вели Филипче, во ситуација кога имаме секојдневно заболени и секојдневно известуваме и за секоја најмала промена, да се шпекулира со податоци токму од страна на оние кои треба да обезбедат прецизна информација за јавноста.

– Со тоа се внесува конфузија кај населението и недоверба во институциите, а искрено верувам дека ова не е целта. Објавувањето број на новозаразени со Ковид-19 од страна на медиумите не смее да биде трка на ексклузивитет, затоа што станува збор за чувствителни информации за здравјето и животот на граѓаните. Објавувањето на вакви непроверени информации е уште повеќе несфатливо затоа што Министерството за здравство редовно ги објавува сите информации, а доколку има промени и по неколку пати во денот. Сите прашања на новинарите се одговараат постојано и на дневно ниво. Искрено се надевам дека оваа пракса ќе престане, а ние ќе продолжиме со навременото и точно информирање, вели Филипче во својот статус на Фејсбук.


Администратор
07/06/2020 02:25