Општина Кочани денеска го продолжи уривањето на старите градби на улицата „Стево Теодосиевски“, на просторот во близина на Спортската сала, со што овозможува реализација на проектот за нејзино булеварско решение.

На потегот со должина од околу 300 метри преостанати се уште четири објекти, за чија експропријација одлучува надлежниот суд.

– Согласно урбанистичкиот план, улицата ќе прерасне во булевар со по две ленти во двата правца и разделно зеленило меѓу нив. По расчитувањето на теренот, додека да почне изградбата на втората коловозна лента, планираме да направиме привремен паркинг. Исто така, ќе се асфалтира и улицата „Петровденска“, што се наоѓа во непосредна близина зад станбениот комплекс, со што централното градско подрачје ќе добие сосема нов изглед, истакна Влатко Димитров, помошник-раководител на Секторот за уредување и располагање со градежно земјиште во Општина Кочани.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев истакна дека со решавањето на сообраќајот по оваа и по улицата „Тодосија Паунов“ со кружни текови, централното подрачје на Кочани ќе добие урбан изглед, а сообраќајните тешкотии ќе бидат надминати.

–Чекор по чекор одиме во зацртаниот правец, пробивање на улицата сѐ до Туристичката агенција „Вел-јан“. Со забрзувањето на овие процеси ќе овозможиме решавање на еден од клучните проблеми во Кочани во делот на сообраќајот, со булеварско решение за влез и излез од Кочани. Веќе е избрана фирма за проектирање на улицата „Стево Теодосиевски“, со што ќе се завршат сите подготвителни работи пред почетокот на градењето. Во тек е изработката и на проект за целосна реконструкција на булеварот „Тодосија Паунов“ со кружни текови, со што на целиот овој потег ќе се обезбеди побезбеден сообраќај, истакна Илијев.

Со пробивањето на втората коловозна лента на улицата „Стево Теодосиевски“ Општината ќе реши еден од најголемите сообраќајни проблеми, со оглед што објектите повеќе децении стоеја во руинирана состојба, создаваа грд изглед и беа опасност зза пешаците, меѓу кои голем дел се и ученици.


Администратор
06/06/2020 15:56