Поради воведениот полициски час но и поради целосната забрана за посета на гробните места која ја донесе Владата на Република Македонија а по препорака на Комисијата за заразни и тоа токму за православниот празник задушница, Повардарска православна епархија, на чело со Агатангел, ги повика своите верници да ги посетат храмовите.
„Со оглед на новонастанатата состојба во нашата држава, а заради пандемијата со Ковид-19, која се однесува на забраната за посетување на гробните места за денот на покојните – Духовденска задушница, се известуваат и повикуваат сите верни чеда на Повардарската православна епархија од сите населени места кои се наоѓаат во нејзиниот состав, во деновите 05.06. 2020 (Петок) и 06.06.2020 (Сабота), во периодот од 08-14 часот, да дојдат во храмовите (дворовите на храмовите) и со себе да понесат варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упокоени блиски роднини и пријатели“, стои во соопштението на Епархијата.
Од Повардарската епархија, под која спаѓаат Велес, Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Гевгелија и околните села, повикуваат верниците масовно да одат во црква во петок и сабота. Во населените места од Повардарската епархија, полицискиот час почнува од денеска во 21 часот до петок до 5 часот наутро, додека во останатите денови ќе почнува од 16 часот и ќе трае до следниот ден до 5 часот наутро.
„Во тој спомен (на нашите претходно упокоени) на ден 06. 06. 2020 (Сабота) со почеток во 08 часот ќе биде отслужена и Заупокоена Литургија во сите храмови. Затоа Ве покануваме помасовно и достоинствено да им оддадеме чест и спомен на сите упокоени наши браќа и сестри во Христа“, повикуваат од епархијата.