Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги известува земјоделците движењето за време на полицискиот час ќе биде регулирано на ист начин како по претходно утврдените правила.

Целосна забрана за движење на сите граѓани во сите скопски општини, Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, се воведува од вечер од 21:00 часот до понеделник до 05:00 часот наутро, а во сите останати градови во државата, ограничувањето е од 16:00 часот до 5:00 часот наутро.

-Земјоделците коишто имаат работни обврски на своите земјоделски површини на фармите, а кои се наоѓаат во атарот (место на живеење) на селото во коешто живеат, можат да се движат за време на забраната за движење, исклучиво заради извршување на работните активности без да вадат дозволи за движење. Земјоделците чиишто земјоделски површини или фарми се наоѓаат надвор од селото/градот каде што живеат и треба да патуваат од едно во друго село, да сообраќаат по регионален пат, а имаат работни обврски поврзани со производството, потребно е да имаат дозволи за движење и да ги носат со себе. Во тој контекст, сите претходно издадени дозволи за движење за време на забрана за движење, кои имаат назнака „трајни“, продолжуваат да важат и во овие денови од 4 до 8 јуни, се наведува во соопштението од МЗШВ.

Земјоделците кои не се евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС), а кои имаат потреба за извршување на земјоделски активности, треба телефонски да ги известат Општинските кризни штабови во местото на живеење, каде ќе ја најават потребата од дневна земјоделска активност.

Од МЗШВ напоменуваат дека Општинските кризни штабови нема да издаваат дозволи за движење, туку само ќе ги евидентираат земјоделците кои го пријавиле своето барање за непречено движење поради извршување земјоделски активности, а потоа списокот на лица ќе биде доставен до надлежните полициски организациски единици (Одделение, Станица, ОВР, СВР).

-Ги повикуваме земјоделците да ги почитуваат новите препораки на Владата и движењето да го користат исклучиво за работни обврски, со цел заеднички да придонесме во справувањето сo коронавирусот во нашата држава, се наведува во соопштението.


Администратор
04/06/2020 16:06