Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) се вклучува во одбележување на Светскиот ден на велосипедот (UN World Bicycle Day) со онлајн иницијатива „Зошто велосипед?“.

Целта на оваа иницијатива е да се промовираат актерите од вело заедницата во државата како што се туроператори кои нудат велосипедски тури, ентитети кои изнајмуваат (електрични) велосипеди, организиратори на фестивали за велосипедизам, здруженија за велосипедизам итн. и да се мотивира јавноста да вози велосипед преку информирање за придобивките од истото.

-Во услови на целосно почитување на мерките за претпазливост од корона, ги повикавме професионалците од областа и пасионирани велосипедисти да се вклучат во оваа виртуелна акција. Добивме одлични примери од нивни претходно организирани тури во природа, како и пораки за придобивките од возење велосипед. Знаеме дека велосипедот е еколошко и ефтино средство за превоз. Но, освен тоа, нашата држава има голем потенцијал за развивање на велосипедскиот туризам како дел од активниот, еко и рурален туризам. На повеќе места во државата веќе има патеки за планинско возење, а некаде допрва треба да се (до)развиваат. Програмата ИМЕ, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, работи во насока на подобрување на понудата и промоцијата на дестинациите кои имаат потенцијал за развој на активниот туризам. ИМЕ нуди и поддршка на локалните капацитети и даватели на услуги да ја подобрат понудата за домашните и странски туристи, меѓу другото и на оние кои нудат велосипедски тури, се посочува во соопштението од Швајцарската програма.

Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ е имплементирана од Паладиум, со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC. Целта на оваа програма е да обезбеди поддршка за подобрување на конкурентноста во три сектори: одржлив агробизнис, активен туризам и ИКТ, а истовремено да се осврне на предизвиците кои го отежнуваат вклучувањето на жените и младите лица во овие сектори.


Администратор
03/06/2020 12:05