„На 30 мај на наше огромно задоволство добивме донација – визири за сите вработени во Националната галерија. Немаме зборови на благодарност до момците од 3Д Принт Медицинска опрема, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари и др. Ненад Лазаров“, соопштија од Националната галерија на Македонија.
Како што посочија од оваа институција, директорката, Дита Старова Ќерими го поздравила препознавањето од страна на тимот на 3Д принт од потребата од заштитна опрема за културните работници и во име на сите вработени изразила бескрајна благодарност за донираните визири. „Ние сме првата институција од областа на културата која доби ваква донација. Задоволни сме бидејќи степенот на безбедност е подигнат на многу повисоко ниво во однос на заштита на здравјето на посетителите, секако и на личното здравје“, се вели во нивното соопштение.
„Светов се уште е под опсада во неизвесност до кога ќе трае пандемијата од вирусот ковид – 19. Постојано се пренесуваат непријатни вести за заболени и жртви од оваа болест. Меѓутоа, изминативе три месеци постојано читаме за подвизи на една мала екипа, неколку лица ентузијасти кои покажаа што значи хуманост, подршка на тие во потреба во најтешките моменти, заштита на личното и грижа за сеопштото јавно здравје. Најнапред, приоритет им беа здравствените работници, сите до еден, потоа припадниците на Министерството за внатрешни работи, пожарникарите и многу други кои беа на листата со приоритет заради природата на нивната работа и неможност за социјална дистанца“, додаваат оттаму.