Република Македонија ја издаде седмата еврообврзница во износ од 700 милиони евра. Рочноста на еврообврзницата е шест години, додека каматната стапка по која е издадена изнесува 3.675%, што е втора најниска камата, веднаш по еврообврзницата издадена во 2018 година.

Ова, како што соопшти Министерството за финансии, ја покажува довербата на инвеститорите во македонската економија и политики, ако се земе предвид дека оваа обврзница се издава во време Ковид-19 кризата – најголемата економска криза по Големата депресија, кога сите економии, вклучително и светските економски сили, излегуваат на меѓународниот пазар на капитал за да обезбедат средства за финансирање на потребите за кризата.

– Исто така, интересот на странските инвеститори за македонската еврообврзница беше пет пати поголем од износот кој беше издаден. Ова е уште еден податок, покрај поволната каматна стапка, што укажува на доброто позиционирање кај странските инвеститори и нивната доверба во земјава. Ова се должи на макроекономската и финансиска стабилност, како и нашата посветеност и успехот постигнат последниве години во евроатланските интеграции, велат од МФ.

Со издавањето на еврообврзницата и заемот од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 176 милиони евра и заемите од Светска банка во износ од 140 милиони евра и од Европската унија од 160 милиони евра кои се преговараат и се извесни, се затвора финансиската конструкција за потребите годинава, односно дефицитот проектиран на 6,8% од БДП со ребаланс, обврските по основ на стари долгови од 705 милиони евра. Дополнително, се обезбедуваат и сигурносни средства за справување со евенутален повторен шок и зависно од развојот на настаните делумно финансисрање на потребите за следната годна.

Земјава на меѓународниот пазар на капитал има излезено седумпати досега, вклучувајќи ја и денешната издадена еврообврзница. Првата еврообврзница е издадена во 2005 година, потоа 2009, 2014, 2015, 2016, 2018 и сега во 2020 година. Најниска камата од 2,75% има еврообврзницата од 2018 година, додека највисока во 2009 година од 9,875%, но мора да се напомене дека тоа е во време на светска економска криза


Администратор
27/05/2020 22:05