Вечерва во „Отворено Студио“ гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски кој што посочи дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш сака да се помогне на граѓаните, но нема да дозволи изборен поткуп и корупција од страна на СДСМ, тоа е суштинската разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

„Ние сме за помош и за поддршка, и први апелиравме за мерки. Но мерките се случуваа многу подоцна. Стопанството е во голем проблем. Разговарајте и со било кој сакате стопанственик, во моментов нема ниту еден релевантен стопанственик или економист кој што ги поддржува или ги брани мерките на Владата“, појасни Николоски.

„Беше споменат примерот со Хрватска и добро е што се спомна затоа што има суштинска разлика помеѓу нас и Хрватска. Но и помеѓу Македонија и сите останати земји од регионот, а тоа е дека Македонија најлошо се справува со корона кризата од целиот регион. На пример во Хрватска во изминативе два дена има само 4 нови случаи, а од 14 мај до денес има вкупно 7 случаи и воопшто немаше вонредна состојба. Значи за два дена имаат 4 случаи, а од 14-ти мај до денес 7 нови. Значи во просек има еден кома нешто случаи дневно. Македонија за два дена има 47 случаи, а во изминативе седум дена има 165 нови случаи. Значи 47 во Македонија, 4 во Хрватска. 165 во Македонија за седум дена, 7 во Хрватска. Со вакви бројки да одат на избори, се среќа нека им е. Ние нема да дозволиме да се загрози здравјето на граѓаните со такви избори. Да кажам јасно во вашата емисија, избори на 21 нема да има, да сме јасни за таа работа, вели Николоски.

Николоски додаде дека овие податоци покажуваат сериозна разлика, бројот на тестови на еден милион жители е 10.682, а бројот на тестови во Хрватска е 13.583 значи и повеќе таму тестираат отколку овде.

„Ако планираат да одат на 21 јуни на избори на сметка на граѓаните со среќа да им е“, нагласи Николоски.