Двојно намален бројот на пожари во домовите и во шумите, но и интервенција за извлекување на човек со прекумерна телесна тежина од када, бележи билтенот на скопската пожарна во време на пандемијата и првото тромесечие од оваа година во спредба од минатата година во истиот период.

Командантот на противпожарната единица Владимир Симоновски во интервју за МИА посочи дека токму внимателноста на граѓаните помага во намалување на пожарите и дека тоа се докажа со поголемото присуство во своите домови за разлика од вообичаено, кога од брзање знаеме да ги оставиме електричните апарати вклучени или пак во шумите се однесуваме како некој зад нас да ќе го изгаси огнот кој сме го оставиле.

Симоновски во интервјуто говори за пожртвуваноста и професионалноста на пожарникарите, за пироманите во Скопје, за бројност на единицата која и е потребно итно зголемување поради просекот од еден пожарникар на 1.500 жители, но и за медикал службата за која до сега се обучени 50 пожарникари кои можат да дадат прва помош. Тој потсети на идеата за Регионалниот центар за обука на пожарникари за кој главниот град, според него и УНДП, исполнува услови и дека сега е во фаза на аплицирање.

Пандемијата од Ковид-19 зафати многу држави, а не ја одбегна ниту нашата. Граѓаните според мерките на Владата редуцирано ги извршуваа своите работни задачи и поголемиот дел од денот го поминуваат дома поради полицискиот час. Доведе ли ваквата состојба до „зголемена“ работа за пожарникарите?

Во текот на оваа година пандемијата беше актуелна уште од почетокот на март месец. Значи, со препораките на Владата коишто се донесени според полицискиот час и според уредбите коишто се донесени од Владата од 10 до 12 март бројката на пожари, кај нас е тековно, да речеме, споредбено со ланските години е тука некаде е тука во некој просек со тоа што ако земеме просек на бројки од ланската година и од оваа година е значително помал на делот на отворени шумски пожари. Оваа година во текот на пандемијата ни се зголеми малку бројот на технички интервенции, тука имаме пораст на одреден број на технички интервенции. Станува збор за заглавување – одглавување на лифтови, на сообраќајни несреќи и некои несакани ситуации коишто се случуваат во домашна атмосфера во становите – заглавени деца во стан, па отвораат врата, се влегува преку тераса. Последна случка имавме во Капиштец каде што веќе имало почината госпоѓа каде што не можела да се отвори врата, па интервениравме. Тоа го ставаме ние во делот на технички интервенции. Тука е зголемен бројот за разлика од ланската година зошто посебно ги делиме како пожар на отворен простор, пожар во урбана средина и техничка интервенција. Тука сме малку во пораст во овој период. А инаку, како пандемија или како вирусот што е зафатен со повеќе присуство на граѓаните дома значително е намален бројот. Тука ги ставаме и временските услови бидејќи имаше повеќе дожд за разлика од ланската година. Ланската година преку 90 дена немавме дожд во овој период. Имаме намалување значително на отворен простор или на шумски пожари.

Пожарникарите за време на пандемијата, исто како војската и полицијата пожртвувано ја извршуваа својата задача. Се соочивте ли со некои проблеми како на пример да имате вработени заболени од вирусот, или пак да немате доволно средства за лична заштита како маски и ракавици…

Не. Можам само да потврдам дека после препораките на Владата коишто беа донесени за употреба на маски, на ракавици, на визири и на сета таа медицинска опрема набавивме се преку Градот Скопје. Потоа се појавија општествено одговорни компании коишто едноставно донираа. И Интернационалната полициска асоцијација и тие донираа ракавици, медицинска опрема за бригадата. Ние имаме доволно и за евентуално ако има нов бран. Сите вработени, сите потцентри се опремени со заштитна медицинска опрема. Ние имаме и посебен дел на заштитна опрема на ракавици и маски во текот на интервенции на пожари и други интервенции. Вака се држи онаа дистанца. Направивме некои резови коишто не сме ги правеле во минатите години. Ги откажавме сите посети на градинки и на школски установи коишто ни имаа најавено во текот на овој период посети на бригадава се со цел да спречиме ширење и поголемо движење затоа овде се работи 24/7 што е исто и во делот на полицијата и во делот на Армијата, ако има еден заболен ќе треба повеќето да се ставиме во карантин што би дошло не дај боже до поголема опасност за градот бидејќи само бигадава е за противпожарна заштита.

Споредбено со лани можете ли да ни кажете на колку интервенции сте учествувале во периодот од како е прогласена пандемијата, од 12 март до сега?

Ние земаме секогаш статистички, она по наше водење, значи правиме пресек од јануари до 1 април во годината. Споредбено со ланската и другите години претходно, 2019 година беше една енормно голема ситуација, енормно големи бројки во период којшто не сме оптеретени во тој дел на шумски пожари. Причината беше со тоа што и пред малку го кажав дека немавме подолго време временски услови во наш прилог – да има дожд или врнење, значи немаше повеќе од 90 дена заврнато дожд и беше многу голема суша. И затоа кажуваме од 1 јануари до 1 април 2019 година имавме 660 пожари, споредбено со оваа година од 1 јануари до 1 април 2020 година имаме 350 пожари, значи тоа е веќе една половина, т.е. 310 пожари повеќе што според статистиката се во делот на отворен простор на шумски пожари. Сега имаме поголемо намалување на бројката на отворен простор – шумски пожари затоа што има забрана за движење во шума, има полициски час кај што не е дозволено движење во шума, имаме временски услови од една страна коишто се донекаде во наш прилог. Тие се се релевантни бројки. Ние викаме дека можеби и во текот на месеците август, септември, октомври дека ќе не избегнат тие шумски пожари кога ќе дојде тој постлетен период, или таа суша кога ќе дојде дека ќе ги немаме како бројки зголемени за разлика од ланската година.

Имате ли некоја интервенција која ви останала во сеќавање во овие четири-пет месеци која не е вообичаена?

Ние како Противпожарна бригада не интервенираме само во пожари. Ние интервенираме во повеќе ситуации, како што споменав и при отворање на затворени врати, заглавени лифтови… Нас пример, ова може да биде како комична ситуација кога ја видовме пријавата дека имало човек со поголема килажа паднат во када каде што има скршеница на нога па не може да стане па ние интервенираме, го вадиме, го извлекуваме за да можеме да го предадеме на Брза помош и такви некои ситуации коишто не се секојдневни и не се од типот на пожари или од типот на сообраќајни несреќи или техничка интервенција. Се случуваат секакви работи, дали било мачка ги нападнала сопствениците па биле затворени на терасата па сме ги симнувале со деца цела фамилија. Има секаков вид на интервенции каде што веќе на бројот 193 се јавуваат за секаков вид на помош.

Имавте ли пожар или друга интервенција кај некој заболен од Ковид 19, кај лица во изолација или самоизолација?

Според сите статистики што ги имаме во тој период од моментот кога се донесени уредбите и кога е донесена препораката како да се заштитат луѓето или кои се во карантин сами дадовме насока на Командно-оперативниот центар кај што ги примаме повиците да во секоја таква техничка интервенција каде што треба да се интервенира, а не е опожарено или не е од противпожарен аспект ситуацијата како техничка интервенција има дополнително прашање од нашиот оператор телефонски дали е човекот во самоизолација, дали е човекот во карантин, дали има можност да е заболен од корона за да знаеме со која соодветна опрема уште од долу да бидеме облечени за да се настапи за извршување на интервенцијата.

Се подготвивте ли за летната сезона кога најчесто горат суви треви, а има и шумски пожари, и дали имате евиденција за шумските пожари дали се предизвикани намерно, што потоа со таа шума, дали се пресадува или пак ја употребуваат за пасишта и ја урбанизираат?

Да, ние сме секогаш спремни. Не е нешто некое посебно спремање. Тоа е за тие шумски пожари или пожари на отворен простор. Тековно се одржуваат, тековно се организираат и по планот и програмата наставна што е во делот на обуки и вежби. Спремањето е евентуално само околу возилата. Ние имаме просек на возила коишто се стари и по 30 години, мораме да ги одржуваме во кондиција и мораме да ги сервисираме редовно пред да пристапиме кон нив сме малку посериозни. Инаку, опремата како опрема ја поседуваме. Се знае, поделена ни е по сегменти, по сектори кои возила одат на отворен простор или шумски пожар, кои се за затворен простор, зборуваме за урбана средина. Не сме ние тие коишто констатираат дали е намерно запалена шумата или е ненамерно, или несакани дејства или некој ненамерно ја запалил шумата. Има различни типови на пожари дали станува збор за нискостеблеста, дали станува збор за сосема сува трева или станува збор за шума кај што се употребува после тоа дрво како огревно дрво. Значи, тој дел или тој сегмент припаѓа на Шумската полиција или на шумските стопанства коишто управуваат со шумите или „Македонски шуми“ на републичко ниво. МВР ја констатира причината и настанатата ситуација за пожарот дали е намерно или ненамерно, нормално со наши увиди од наши искуства, консултации. Ние како бригада нема противпожарни инспектори и Град Скопје, тоа е се во делот на „Македонски шуми“ и на Дирекцијата за заштита и спасување. На повеќе состаноци коишто сме ги имале каде што учествуваат повеќе институции од Шумска полиција, од МВР, од Бригада за противпожарна заштита, од ЦУК, од Дирекција за заштита, оние структури коишто се засегнати од овој тип на пожари немаме некоја официјална бројка. Мислам дека МВР треба да има. Тука некогаш во таа работа ги вклучуваме и судските власти во тие процеси, некогаш оние коишто се затечени на самото место на пожарот или коишто се предизвикувачи на самото место на пожарот, тоа зборувам на глобално ниво на цела територија на државава, значи, зборуваме во тој сегмент имало ситуации каде што се фатени потпалувачи, но процесуирано е тоа се преку МВР дали се прекршочни, дали се кривични, тие постапки понатаму си ги презема друг орган или друго министерство.

Ја знаете ли бројката на пиромани во Скопје, дали знаете кои се тие и како се справувате со нив?

Имавме такви информации за точна локација на територија на Град Скопје за Драчево, пријавено е соодветно. Реагирано е соодветно. Немаме повеќе, отпосле неколку ситуации што ни се случуваа во Драчево, тоа можам да кажам и за ланската година исто, значи немавме конкретно кој ни ги пали во една градска општина, во урбана општина во Карпош кој ни ги пали контејнерите преку три вечери нон-стоп на иста адреса, тоа се две попречни улици од наши евиденции цело време приметувавме дека се палат контејнери на тие две улици. Значи, поднесена е соодветна пријава од наша страна до полициска станица Карпош, соодветно реагирано. Откога се реагирало се прекинало на тоа место, еве веќе скоро година дена немаме таму на тие две улици. Имаме консултации со Град Скопје или со Инспекторатот на Град Скопје. Значи, кампањата што е за 193 заедничка со Град Скопје и со Инспекторатот за пријавување на пожар на отворено и за реагирање, значи се пријавува овде, ако е за интервенција излегуваме ние, гасиме, а ако не е доволно за интервенција ги праќаме инспекторите. Постои една комбинација помеѓу инспекторите и бригадата на дежурства на 24/7 коишто даваат резултати последниве три години откога е применета оваа мерка.

Пред девет месеци во интервју за МИА кажавте дека за да функционира противпожарната единица како што треба, потребна е една „инјекција“ од Град Скопје од 100 нови вработувања. Ве инјектираа ли, ја достигнавте ли проектираната цел од 385 пожарникари?

Триста осумдесет и пет (385) пожарникари е според законот. Значи, на 1.500 жители еден пожарникар, ама тоа се бројки од 2002 година по пописот од 2002 година, на таа база е направена или извадена таа бројка. Бригадата за да функционира…, ако гледаме така сега функционираме со 205 пожарникари, некаде околу 52-53 отсто исполнетост, а за да биде доволно покриено во овој момент и во овие капацитети бројката би била некаде од 260-270 луѓе, 260 луѓе би била некоја идеална бројка која што правиме и ја ствараме полека, полека што е зборавено со текот на годините и со оној процес на стареење и со оној процес на заминување во пензија која што не се пополнувала бригадата. Значи, ако гледаме така, ние дојдовме бројка до 176 ланската година, па со онаа инјекција од 18-19 пожарникари, па со последната година 10, значи 29 веќе почнуваме. Значи, ја имавме оваа година бројката од 50 што беа најавени и од страна на градоначалникот на Град Скопје и од наша страна. Пандемијата и вирусот малку ни го одложија тој процес на подмладување, тоа едно. Второ, знаете дека секоја година, еве ланската година имавме претседателски избори каде што имаме процес на 3-4 месеци неможност ни за отворање работни места. Еве, оваа година имавме најавени избори што требаа да се одржат на 12 април, па и тие поради пандемијава се одложија. Значи, не станува збор дали сакал или не сакал Градот, значи ние си имаме проектирано и во буџет, и планови и стратегија која што треба некаде до 2021-2022 година да ја донесеме бригадава во нормален тек, во нормален ред за да функционира да речеме нормално.

На почетокот од вашиот мандат ја најавивте медикал-службата која требаше да започне лани на 20 мај на денот на пожарникарите, каква е нејзината функција и успеавте ли да ја реализирате. До каде сте со желбата за регионален центар за обука на пожарникари, има ли надеж дека ќе се оствари?

Тие беа најавени уште ланската година со самото мое пристигнување тука. Следејќи ги трендовите и следејќи го она што сакаме да го постигнеме, тоа е тенденцијата на одење кон Европа и кон делот на западниот систем. Значи, секоја западна држава и западен систем во делот на противпожарната бригада е тој дел или тие парамедикал спасувачки екипи коишто се во делот на бригадата. Нормално за да не се оптеретуваме во делот на Брзата помош стигнала – не стигнала, дошла, имала други интервенции, имала повеќе интервенции или што било. Значи, овде може да стане збор за мала медицинска интервенција која што ќе биде само за вдишување од чад каде што ќе им биде…, знаете сега да го оптеретите делот на Брзата помош да дојде со возило кое што може ќе помогне на друго место повеќе, решивме да правиме парамедикал или медицинска служба во самата бригада. Во координација со Црвениот крст ланската година имавме и координирано работевме од 20 мај со помош на Црвениот крст на Град Скопје, заеднички, кај што имаше екипи коишто си работеа, дежураа и излегуваа во пресрет со нас во такви ситуации додека дојде ново, но тоа не беше конечно идејно решение кое што можевме да го примениме и во оваа година и во наредната година затоа што се они од Црвениот крст, не се кај нас. Во координација со невладина организација Линк Акрос направивме обука и пред моето доаѓање имало направено обука и по моето доаѓање направивме обука на 25 пожарникари за парамедикал служба и 12 инструктори на парамедикал служба. Значи, веќе имаме бројка од 50 обучени пожарникари коишто веќе ја имаат основната база, основното ниво на пружање на медицинска помош до одреден степен до доаѓање на Брзата помош. Е, сега, во делот на комплетирање на целата парамедикал служба нас ни фали медицинско возило кое што планираме во текот на оваа година да го набавиме или да го добиеме како донација од некоја компанија или општествено-одговорна фирма за да можеме да го направиме оној тип за таква парамедикал служба со тоа што ќе ги направиме тимовите во сите четири различни смени, како што е во бригадава, ќе си има подеднаков број во сите четири смени коишто ќе можат да пружат медицинска помош ако е посерииозна ситуацијата до доаѓањето на Брза помош. Регионалниот центар за обука е план којшто се работи и од моите претходници, но ланската година почнавме малку поинтензивно. Тука го вклучивме и Центарот за управување со кризи и УНДП. Имаше посета од УНДП во Скопје, го разгледаа просторот, го разгледаа местото – локацијата на која што сме. Треба да се почне со пополнување на тие апликации и сите тие работи што следуваат. Треба да решат дали ние ќе можеме да го добиеме местово како Регионален центар за обука. Се после тоа станува чиста формалност и дополнување и опремување на капацитетите на бригадата.

Пожарникарите водат судски спор за тоа дека немале добиено средства за опасност, согласно колективниот договор потпишан од Независниот синдикат на пожарникарите со поранешниот градоначалник на Град Скопје, ги оштетил за по 15.000 евра. Кога ќе ги добијат тие средства, бидејќи судски го добиле спорот и очекуваат да им се исплати преку плата. Велат дека за ова се изборил некој нов синдикат за пожарникари. Дали сте запознаен со тој случај, бидејќи тоа е пред вашето доаѓање на чело на Единицата?

Јас дојдов на наследен проблем којшто ги засегнува сите пожарникари во Република Македонија. Не станува збор за пожарникарите во Градот Скопје, туку станува збор за сите пожарникари. Ја знам целата ситуација, ја знам целата проблематика затоа што воедно сум и претседател на Мрежата на командири на противпожарни единици во цела држава преку ЗЕЛС. Го имаме истакнато проблемот, се знае проблемот, запознаени се сите. Проблемот е во Законот за пожарникарство, во член 13 каде јасно е утврдено дека треба да се исплаќаат 20 отсто за ризик и за опасност при работа како додаток на целата плата што ја добиваат. Значи, тоа се тие 20 проценти коишто треба да ги добиваат пожарникарите, а коишто не ги добивале… дали било тоа, не треба да навлегуваме во целата ситуација кој го потпишувал договорот, колективниот договор и како го потпишувал колективниот договор, како и онаа постапка дали било бившиот градоначалник на Град Скопје или сегашниот градоначалник. Јас по моја информација знам дека судските пресуди на повеќето пожарникари во Град Скопје се добиени и повеќето се исплатени, се исплаќаат како стигаат во Градот Скопје. Значи, такви информации имам добиено. Направени се средби и со градоначалникот и со работни групи за решавање на проблемот. Значи, беше најавено и е најавено дека ќе се регулира целосно таа исплата на платите со тоа што Владата донесе пред Нова година одлука дека ги задолжи министерствата коишто се релевантни за локална самоуправа, сите општини и ЗЕЛС за изработување на правилник на платите на пожарникарите. Повеќето општини, станува збор за помалите општини, да речеме некои општини коишто си ги регулираа во тој дел на платите, значи им ги порамнија платите со тие 20 отсто, но бројката што ми ја кажавте од 15.000 евра не е толкава. Значи, не е толкава бројката, во делот на отштетата не е толкава бројката. Станува збор, ако земеме некој просек, е околу 200 до 230-240 илјади денари од пожарникар. Тоа е од прилика некаде 4.000 евра. Значи, не е бројката од 15.000 евра, туку просекот е некаде околу 200 до 240 илјади денари. Да, на сите. Овој процес се одвивал на изборни кампањи и сите тие работи, пожарникарите со право си ги барале, да бидеме категорично јасни, значи со право го имаат добиено тој основ за исплата на тие 20 отсто за загрозувачки ризик при работа и сложеност на работа во опасност. Значи, не им било исплаќано. Сепак, пак ќе речам, не навлегувам, правото на тужба и правото на добивање на судски спор или на тужење е секогаш лично на пожарникарот и си има релевантни синдикати два коишто си ја бркаат таа работа, си ја вршат таа работа, се оди на тужба, се излегува од Апелација, значи се добиваат споровите и во текот на ланската година, како што сум запознаен, скоро 97 и повеќе од 97-98 пожарникари веќе ги имаат добиено и средствата на нивните сметки. Значи, тој процес си оди и не може да се сопре се до оној момент додека не се добие.

Ви благодарам за интервјуто и се надевам дека оваа соработка ќе продолжи.

-Секогаш сум отворен за медиумите бидејќи сакам принципот на работата да дојде поблиску да граѓаните и до оној момент што всушност ние работиме. Еве, за среќа, вие имавте можност денеска да присуствувате со нас на еден настан, на еден пожар којшто се случи во Мичурин во станбен објект зграда. Чисто сакаме граѓаните да добиваат точни информации во смисла на тоа за што станува збор и какво е дејството на нашите интервенции. Јас пак ќе ве поздравам како МИА и секогаш сум отворен за информација дали било телефонска, дали било ваква, дали било нешто што вие мислите дека ќе биде само за подобро информирање на јавноста и граѓаните.


Администратор
10/05/2020 13:19