Министерот за надворешни работи Никола Димитров смета дека доколку епидемиолозите и експертската јавност оценат дека е возможно да се одржат избори, тогаш треба да се оди на избори.
На гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, Димитров рече дека најважно е здравјето на граѓаните, но оти доколку има услови за избори, тогаш е добро тоа да се направи.
– Ако ситуацијата со пандемијата се смирува, ако гледаме држави кои ќе одат на избори, тогаш е добро тоа да се направи. Се разбира, првиот приоритет е здравјето на граѓаните, истакна Димитров.
Ако нема услови за избори, тогаш смета Димитров, треба да има политичка влада.
– Суштински природата на оваа влада е да организира избори. Ако ова трае и ако нема услови за избори, тогаш треба да има политичка влада. Која е улогата на оваа влада каде имаме кочење, рече Димитров.
Според шефот на дипломатијата, на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски треба да се разговара за изборите.