Дефинитивно бугарската позиција сака да продолжи решавањето на историските прашања. Ние најдовме решение за цар Самоил, за Кирил и Методиј, Климент, Наум,… Ќе најдеме решение и за Гоце Делчев. Треба да знаат граѓаните дека решението е победничко за двете страни. Само тогаш имаме договор и решение. Кога опозицијата го отвора ова прашање, нормално е бугарската страна да се брани. Прашањето е, зошто опозицијата го отвора? Зашто доаѓаат избори. Повторно игра на картата на национализмот и на она на што значи популизам, само заради популистички цели, рече вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Во гостувањето на Телевизија 24, Заев истакна дека Борисов го признава македонскиот јазик, а македонскиот јазик е составен дел и од Договорот за добрососедство со Бугарија.
-Сум разговарал сo премиерот на Бугарија Бојко Борисов. Тој го признава македонскиот јазик, македонскиот јазик е составен дел од Договорот за добрососедство со Бугарија не само зашто стои македонскиот јазик согласно Устав и бугарски јазик согласно Устав. Тој е со македонски текст потпишан од мене и од премиерот Борисов. Втора работа, ако разговарате со нив нема дилеми за ова прашање. Прашањето е кога некој од внатре го отвора прашањето заради едностраната изјава која што Бугарија ја дава која што е неусловен дел за нашиот датум за преговори, чиста е одлуката, немаме никакви одлуки. Советот на министри ја потврди на 24-ти без било каков услов, на 26-ти и 27-ми Европскиот совет ја повтори без било каков услов, таму беше Бугарија која гласаше за таа работа, нагласи Заев.
Заев во гостувањето се осврна на економската состојба, повтори дека СДСМ е за избори во најбрз можен рок и тоа ќе го побара на лидерската кај претседателот Пендаровски, а во врска со оставката на Ден Дончев информира дека била разговарана уште во март. Причината се семејни причини, иако Заев, како што рече, почувствувал дека на Дончев му било и „преку глава“ од обвинувања.