Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва гостуваше во емисија „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија при што посочи дека е недозволиво да се преговара за Гоце Делчев, бидејќи врз него се изгради Република Македонија.

„Јас не можам да разберам да раговараме и да преговараме што бил Гоце Делчев и не можам да го разберам претседателот на нашата држава кој што вели дека Гоце Делчев бил бугарин. Ние државата ја темелиме на тоа име, тоа не е за разговори, тоа не е предмет на преговори. Гоце Делчев е државата Македонија. Тоа е исто како да им кажете на турците што бил Кемал Ататурк. Тоа се работи за кои што не се разговара. Ова држава постои за тоа име, сме го избрале како народ тоа име и сме ја формирале оваа држава“, истакна Мицкоски.

Мицкоски во своето гостување порача дека никој не може да го убеди дека Гоце Делчев бил нешто друго поинакво од Македонец.

„Роден сум така, воспитуван, сум го учел тоа, сум служел војска за оваа држава, луѓе гинеле за оваа држава за тоа име. Тоа име ние го имаме во нашата химна“, додаде Мицкоски.