Македонскиот јазик не може и не смее да биде предмет на каков било договор и не смее да биде доводен под прашање. Тоа е јазикот на кој сите ние зборуваме. Нашиот идентитет. Отстапки тука не смее да има! Гласно го поставувам прашањето дали Заев и Димитров се спроведувачи на проектот за бришење на македонскиот јазик и создавање на нова т.н. „северномакедонска нација”? Јавно прашувам дали можеби Заев ова го прави под уцена имајќи предвид дека неговото семејство поседува фирми во соседни држави и дали е тоа предметот на уцена, вели Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски коментирајќи ја најновата ситуација во односите помеѓу Македонија и Бугарија.

- Дали Бугарија ќе се повлече од овие нивни барања зависи само и исклучиво од Македонија. Ако државата економски се развива и воспостави стабилен систем на владеење на правото, а со тоа да стане држава за почит, тогаш има простор да ја сфатат Македонија сериозно и да ја почитуваат. Но, ако тие кои ја водат се криминогени и со ограничени способности, кариеристи, тогаш само небото е граница на националните понижувања. Ако, пак, Македонија ја водат чесни луѓе, патриоти кои не се продаваат за пари и држат до себе, тогаш секој ќе се повлече зашто ќе види став на другата страна. Таквите политичари добиваат почит и се рамноправни партнери дури и кога се од мали држави како Македонија. Ваквите како Заев и Димитров, без разлика колку ги тапкаат по рамо, добиваат презир и непочитување. Така што изборот е на Македонија. Јас сум сигурен дека и од оваа битка Македонија и македонскиот народ ќе излезе со гордо крената глава, додава Николоски.

Целото интервју е објавено на мкд.мк