ВМРО-ДПМНЕ пред сѐ, не е сѐ уште официјално информирани за ова. Ние сме екскомуницирани од власта за најбитното национално прашање во Македонија. Никола Димитров наместо кога патува во странство времето да го троши на кодошење на ВМРО-ДПМНЕ и барање од своите соговорници да го напаѓаат ВМРО ДПМНЕ, да го трошеше времето на заштита на националните интереси, веројатно ваков документ од Бугарија немаше да има, вели во интервју за порталот МКД.мк, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во однос на документот кој се појави во јавноста а во кој Бугарија бара од Македонија да заборави на постоење на македонски јазик и малцинство доколку сака да напредува кон Европската Унија.
- Сакам да потсетам дека овој документ е продолжение на Декларацијата на Собранието на Бугарија од октомври минатата година со која декларација се ставија темелите на овој документ кој сега официјално го прифати ЕУ. Со Декларацијата на Собранието на Бугарија се бара да се избрише македонскиот народ и јазик. Тогаш претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предложи како одговор на тој бугарски документ да се донесе декларација во Собранието на Македонија со која ќе се одговори на истата и ќе се заштитат македонскиот јазик, народ, како и националното малцинство во соседните земји. Побара истата да биде поддржана од сите релевантни политички парти. Наместо да се отвори дебата за оваа понуда и да се развие заедничка стратегија, добивме комплетно игнорирање од власта. А во последниов месец и криење и лажење на јавноста за новите уцени со кои е соочена Македонија. Нас како држава итно ни е неопходно да создадеме заеднички усогласена надворешна политика како и стратегија за национална безбедност. Овие два документи треба да се прифатени од сите политички партии и да бидат основа на работата на секој министер за надворешни, внатрешни и одбрана како и директорите на безбедносните агенции, без разлика од која партија се. Тоа го предлага Мицкоски, но наместо одговор на подадената рака добивме криење и бегање од одговорност, што резултира со национално понижување кој знае кое по ред со Заев и Димитров. За жал ова може да е фатално за државата и народот, додава Николоски.