Во врска со настаните во Сингелиќ кои се случија пред неколку дена каде граѓаните излегоа на протест и масовно го прекршија полицискиот час, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изрази поддршка до Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев за поднесувањето на кривична пријава против иницијаторите на настанот и нагласи дека законот треба да важи за сите подеднакво.

- Во врска со настаните кои се случуваа во општината Гази Баба во минатите денови, во делот на населбата Сингелиќ, каде што една помала толпа на граѓани се обиде да манифестира револт прекршувајќи го законот и прекршувајќи вонредната состојба која што владее во државата, притоа доведувајќи ги во опасност и сопствените но и загрозувајќи ги животите на сограѓаните. Истовремено сакам да изразам полна поддршка на техничкиот министер на МВР г-дин Наќе Чулев кој што делуваше резолунтно и веднаш поднесе кривична пријава против трите лица кои практично го иницираа сето ова кое потоа следуваше а беше манифестирање на револт и групно кршење на законите и вонредната состојба во државата.

Истовремено го охрабрувам МВР да извршат целосна идентификација на сите оние лица кои што го прекршија законот и вонредната состојба во државата и ги доведоа во опасност животите на нашите сограѓани и против истите да бидат поднесени соодветни пријави како кривични така и прекршочни поради тоа што ги прекршиле законите и ја прекршиле вонредната состојба која што во моментот е акивна во Македонија. Законот мора да важи за сите, без разлика на партиската припадност или партиската не припадност, без разлика на националната припадност, законот мора да важи за сите на целата територија на Република Македонија.

Сосема на крај би сакал до сите граѓани на нашата држава да упатам апел да ги почитуваат препораките на СЗО бидејќи на таков начин се штитат самите себе но и го штитат здравјето на нашите сограѓани. Најпрво да ја поразиме здравствено пандемијата, затоа што само здрави луѓе можат Македонија да ја вратат на победнички пат, потенцираше Мицкоски.