Свети Николе конечно доби нов Генерален урбанистички план(ГУП) информира градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски.
Советниците на 49 седница на Советот на Општина Свети Николе го донесоа новиот ГУП, кој има опфат од 727 хектaри, а во него е утврдено во кој правец урбанистички ќе се развива градот.
Предвидени се нови локации за индивидуални куќи и станбени згради, можност за инвестиции во незагадувачка индустрија , деловни простории, социјална заштита. – Со донесување на Генералниот урбанистички план, се овозможува донесување на Деталните урбанистички планови за Индустриска зона -југ, ДУП за инвестирање во базент за Свети Николе, ДУП за подрачје кај стадионот со кој предвидуваме изградба на куќа на спортот, вели Велковски. Советот донесе одлука за ослободување од плаќање на надомест за временско-сезонско користење на јавни површини за угостителските објекти на градскиот плоштад и обложувалниците за временски период од март-август 2020 ,како олеснителна економска мерка за последиците настанати од состојбата со коронавирусот.
– Со оваа одлука, дел од нашите стопанственици се ослободени од плаќање на овој вид на такса во износ од 437.000 денари. За истиот овој износ, во општинскиот буџет ќе биде намалени приходите по оваа вредност, рече Велковски.
Советниците изгласаа и измена на деловникот за работа на Советот, со кој се овозможува одржување на седници со конференциска врска.