Одговарајќи на новинарски прашања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потенцираше дека и економијата како и судството станува „трас-трас“ економија. Тој потенцираше дека ниту граѓанити ниту опозицијата се виновни што власта во предизборни цели неконтролирано трошела во првите три месеци од годината.
- Ако вие го слушате премиерот во собранието на 26 декември како ве убедува дека блескаме и дека е за поклон нашата економија. Ако потоа ја слушаме вицепремиерката за економски прашања како вели дека немаме никаков проблем со полнењето на буџетот, дека тој ликвиден, солвентен, блескаме итн. Ако до 10 март практично ја слушате министерката за финансии како ве убедува дека исто така блескаме, дека сето тоа е највисоко ниво, дека граѓаните и бизнисот не треба да се грижат, а потоа се случува таканаречено салто мортале и за 180 степени ја завртиме политиката за само 10 дена и велиме дека ни следува економска апокалипса, и тогаш кој е виновен?
Сигурно не се виновни граѓаните, не е виновна опозицијата, бидејќи таа цело време предупредуваше дека не блескаме туку напротив, газиме на трула штица. Дека бизнисите се виновни? Не се, луѓето слушаат тоа што најповиканите кажуваат и така дејствуваат, така ја градат својата бизнис политика. Јас не гледам друг освен тие кои што се најповикани затоа што лажно ја менаџирале државата.
- Втора работа која што ја споменав пред некоја прес конференција, вие имате агрегиран буџетски дефицит во првите два месеци од 4 милијарди и 300 милиони денари, буџетски дефицит наменски за откуп на целни групи за време на предвремените парламентарни избори кои што се одложија. Тоа се, ако направите паралела, во едно интервју господинот Заев ќе спомне дека со кратењето на платите во администрацијата практично ние ќе заштедиме една милијарда во буџетот, вие само првите два месеца тој потрошил 4 такви кратења на плати. Зошто? Затоа што има една цел, а тоа е што е можно поголем поткуп да направи на целни групи за да се спаси од одговорност, не од друго, не биле тоа од патриотски причини, не биле тоа добронамерни причини, како што рече во една прилика по методот „ол ин“ и „трас трас“ потрошил 4 милијарди денари, и таа мала ликвидност што сме ја имале, сме ја потрошиле. Но добро е, на денешната прес конференција сеуште не слушнавме дека ќе имаме урамниловка во администрацијата, според наши информации има тешка броба во рамки на самата влада, СДСМ притиска и понатаму на 14500 урамниловка но очигледно е дека коалиционите партнери се борат и добро е што послушале едно од барањата како што треба на ВМРО-ДПМНЕ дека таа урамниловка е само негативна за целокупните економски текови во државата и добро што барем едно барањата на ВМРО-ДПМНЕ времено го усвоиле, ќе видиме до кога ќе трае ова купи ден продај нивна политика., истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.