Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицскоски денеска на прес-конференција изрази сериозна загриженост за пакетот мерки за стопанството за помош од последниците на пандемијата со коронавирусот, оценувајќи дека со него економската криза ќе се продлабочи.

Според него, оваа помош е далеку од доволна и задоцнета.

– Целиот пакет не е вистински и не е доволна помош, рече Мицкоски, кој направи споредба со помошта што соседните земји ги нудат на нивната економија.

Пакетот мерки, според него, е огромно разочарување за граѓаните и бизнисот, по вторпат.

– Не викам дека нема поединечни мерки кои не се добри, и нема да помогнат. Но ви викам, ви тврдам дека целиот пакет за помош не е вистински и не е доволна помош која му треба на стопанството и граѓаните, рече Мицкоски посочувајќи на пакетот што го нудат Србија и Словенија.

Тој анализираше дел од мерките на Владата, но исто така и најави дека тие преку нивните претставници во Владата ќе достават предлог мерки и ќе бараат тие да бидат дебатирани и прифатени.

Во однос на првата и суштинска мерка за најпогодените компании од пандемијата и од економската криза да се субвенционира по 14.500 денари за трошоци за ликвидност што компаниите би ги користеле во април и мај, за Мицкоски е чудно што не се споменува март, бидејќи вонредната состојба и сите оние компании што се погодени и што го затворија бизнисот се жртви на пандемијата и ги чувствуваат последиците уште од март, а вработените во тие компании треба да добијат плата за месец март која што би се исплатила во април. Тој смета дека многу малку компании ќе можат да ја искористат оваа поволност.

– Затоа ова мерка не само што нема да помогне во справување со кризата на бизнисите, туку дополнително ќе ја отежни работата на компаниите, бидејќи практично државата ги остава сами на себе, сопствениците на бизниси два месеци, почнувајќи од 15 март до 15 мај да се снајдуваат како знаат и умеат за да бизнисите опстанат и да ги задржат вработените во тие бизниси, рече Мицкоски.