Владата ја усвои Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба за постапувањето на судовите и Јавните обвинителства, според која законските и преклузивните рокови за поднесување на тужба во парнична постапка, приватна тужба во кривична постапка, предлог за кривично гонење, предлог за поведување на вонпарнична постапка, поднесување на барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, тужба за поведување управен спор, иницирање на постапка пред Уставен суд или иницирање и поведување на друга судска постапка, престануваат да течат во моментот на стапување во сила на оваа Уредба се до престанување на вонредната состојба. Законските и преклузивните рокови за изјавување на правни лекови, правни средства или за преземање процесни дејствија во постапките престануваат да течат за време на вонредната состојба.

Во кривичните и прекршочните постапки, роковите за изјавување на жалба или приговор на одлуките со кои постапката завршува, како и за изјавување на вонредните правни лекови, престануваат да течат за време на вонредната состојба.

Со оваа Уредба издавањето на упатните акти за изречена казна затвор до три години се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предмети каде што постои опасност за застарување на извршување на казната.

На судиите-поротници на кои мандатот им истекува за време на траење на вонредната состојба, по сила на оваа Уредба, мандатот им се продолжува се до завршување на постапката по судскиот предмет. Судовите во Република Северна Македонија, се должни при постапувањето, закажувањето и одржувањето на расправите да се придржуваат на Одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија, за постапување на судовите во Република Северна Македонија во услови на зголемена опасност од вирусот КОВИД-19, од 17.03.2020 година. Со оваа Уредба се задолжуваат јавните обвинители извршувањето на функцијата на јавното обвинителство да ја организираат и извршуваат согласно Задолжителните упатства на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, донесени во врска со вирусот КОВИД-19 .


Администратор
30/03/2020 19:53