Мерките на Владата за справување со КОВИД 19 заслужуваат поддршка од сите граѓани. Сепак, првите искуства покажуваат дека полицијата не е подготвена во целост да одговори на предизвиците кои произлегуваат од вонредната состојба и воведување на полициски час.

Во текот на денешниот ден, 24 март, 2020 година полицијата прави легитимирање на граѓани во Скопје, кои чекаат на ред за купување. Легитимирањето се прави најчесто без основ и погрешно, без умешност и знаење. И во случаи на погрешна проценка, полицајците земаат лични податоци. Дополнително, комуникацијата која ја иницираат содржи закана од позиција на власт кон граѓаните. Со цел да се избегнат случаи на злоупотреба на полициските овластувања и да се спречат посериозни облици на кршење на законот, Твоја партија бара полициските службеници да поминат обука за постапување во вонредна состојба.

Исто така, Владата и МВР да известат за постоење отворен телефон и електронска адреса на која граѓаните ќе пријавуваат незаконско постапување од државни претставници.

Интегрално соопштение од Твоја партија