Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска учествуваше панелот за очекувањата на бизнисот организиран од Делегацијата на германското стопанство во нашата земја. Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено како идна власт во Македонија да спроведе сет на мерки и политики во соработка со економските фактори во нашата земја со цел потикнување на економскиот раст.

- Ние веќе имавме неколку состаноци со Стопанските комори во Македонија, со Стопанската комора на Македонија, со Сојузот на стопанските комори, пред некој ден имавме со Македонско-Турската стопанска комора, со МАСИТ, еве денеска сме со Македонско-Германската стопанска комора, и она кое што секаде го рефлектираме како позиција на ВМРО-ДПМНЕ е дека од суштинско значење ќе биде како идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе и имплементира сет од мерки и политики кои што ќе значат практично партнерство и поттикнување на економскиот раст на државата.

Тоа ќе биде суштински приоритет и приоритет на кој што ќе се темелат идните политики. Се разбира за да имаме успешна економија во Македонија, ние мораме да имаме успешно реформирано правосудство, а не вакво правосудство кое што од Сваровски прерасна во Луј Витон правосудство, за да можат инвеститорите, без разлика дали доаѓаат од надвор од Македонија или се домашни инвеститори да можат да се чувствуваат сигурни во сопствените инвестиции. Како трет , но не помалку важен столб се разбира она што цело време го повторуваме а тоа е вложување и само вложување во образованието и во кадарот, односно во човечкиот потенцијал кој што потоа ние како држава ќе го понудиме реалниот сектор односно на бизнис заедницата, ќе повторам без разлика дали е надвор од Македонија или е внатре во Македонија.

Како што можевте да слушните и почитуваните инвеститори од Сојузна Република Германија се соочуваат со еден таков феномен односно јас би рекол апокалиптично сценарио каде што навистина високообразован и помалку образован квалификуван кадар ја напушта Македонија и со тоа практично тие остануваат без реална поддршка, која што нив ќе им овозможи раст на бизнисот, а ние како држава и како влада остануваме со помалку платени даноци, кои што потоа би можеле да ги инвестираме во другите сектори, меѓу кои како што кажа и домаќинот здравствениот сектор кој што ни се наоѓа на едно катастрофално ниво.

Гледаме само како растат хациендите на министрите и плантажите со марихуана на премиерот и на неговото семејство, наместо да се зголемува бројот на реновирани операциони сали, реновирање на поликлиники, реновирани клиники, или изградба на нови болници. Еден податок само ќе ви кажам а тоа е дека повеќе од 5.000 доктори и медицински персонал последниве 5 години ја напуштиле Македонија, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на панелот за очекувањата и предизвиците за бизносот, во организација на Делегацијата на германското стопанство во нашата земја.