Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска маршираше од пред зградата на Јавното обвинителство па се до Врховниот суд, каде што се обрати Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека за нив изборите претставуваат борба за спас на Македонија, додека за Зоран Заев борба за спас на мафијата.
- Тука сме вечерва во огромен број да кажеме дека правдата е нападната од неправдата, да ја кажеме вистината дека судската и обвинителската власт е брутално згазена.
Аудио материјалот докажува и покажува мафија. Мафија која владее со секоја пора власт која треба да е независна, а не е! Мафија која ја одзема слободата и правдата. Мафија која три години е сојузник со криминалот кој останува неказнет. Мафија која ослободува убијци на мали деца додека премиерот си прави селфи со убијците, додека родителите на чедата од Смилковско со грч и горчина во срцата од неправдите живеат со помислата дека убијците се на слобода. Мафија која диктира обвиненија, диктира пресуди на судии. Мафија која како свое царство го негува хибридниот режим на Заев.
И за ова има неколкумина одговорни, но еден е највиновен, а тоа е Зоран Заев. Зоран Заев е виновен затоа што тој во исто време е премиер, обвинител и судија. Виновен е затоа што е главен рекетар, преговарач, главен забавувач кога се во прашање гафовите, но и трговец со виталните органи на нашата Македонија. И едно досега научивме, на човекот не му е тешко да украде, да изглуми, да се посрамоти, но само не му барајте да биде чесен, затоа што е нечесен од глава до петици. А и најлесно му е да не ја говори вистината, излаже. Затоа што тоа покрај крадењето тоа го прави најдобро.
Аудио материјалот покажува дека тој пука во чело на правдата, ама онака ладнокрвно, со умисла и без каење. Со тој неправилен граматички, но разбирлив јазик слушнавме како ја егзекутира правдата, што би рекол „трас-трас“, а правдата, драги пријатели, браќа и сестри, умира бавно, умира споро. Затоа што Заев нема допрено нешто, а да нема контаминирано. Тој е правдоубиецот во нашата држава.
И нема мака пред камерите лажно да се прикажува дека бил европски политичар, кој еве гледаме уште железни опинци не облекол, дека градел едно општество за сите, дека е визионер, човек гледа и не може да се изначуди. Каква визија какви бакрачи. Чувме во аудио материјалот што е реалноста, ќе се обидам да цитирам: „договорено е со Врховен“, „без Заев не се може“, „трас-трас и ете одлука на Врховен суд“, „Катица знае за се што треба да се случи“, или закон за СЈО или одлука на Врховен суд ама случаите ќе паднат. Ете тоа е таа сурова вистина, истакна во својот говор Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.