Појавата на „Нелегални дроги“ меѓу помладата популација беше главната тема на работилницата, која Одделението за внатрешни работи Делчево ја одржа со делчевските гимназијалци. Како што информираа органзизаторите, обуката имаше превентивен и едукативен карактер, се со цел учениците од училиштето, како и нивните родители да бидат запознаени со најчестите причини и опасности од користење и употреба на дрога.

– Преку презентацијата, на присутните ученици и родители им беше укажано за штетните последици (здравствени, психолошки, семејни, социјални, училишни и финансиски) кои настануваат при употребата на дрогата, законските одредби на Кривичниот законик на Р.Македонија и санкции за лицата кои ги чинат овие кривични дела, истакнаа од ОВР Делчево.

Имајќи предвид дека зависноста од дрога во последните десетина години е cè поприсутна меѓу школската популација и младината, преку ваквиот вид активности, како што истакнаа од гимназијата „М.М.Брицо“, училиштето активно се обидува да ce вклучи во спречување и во сузбивање на оваа појава на разни начини.

– Во таа насока многу е важна превентивната улога на полицијата преку проактивен пристап: соработката со заедницата, да се зголеми превенцијата околу злоупотребата на дрогите и личната заштита на најмладата популација. Меѓу другото, цел на ваквите обуки е младата популација (учениците од училиштето), како и нивните родители да бидат запознаени со најчестите причини и опасности од користење и употреба на дрога, посочија од СОУ „М.М.Брицо“.

Како еден од главните заклучоци од работилницата произлезе фактот дека во училиштата не се зборува доволно за дрогите и нивните последици, поради што беше напоменато дека се неопходни повеќе програми и кампањи за да можат учениците да се запознаат повеќе со дрогите и нивните последици.


Администратор
22/02/2020 15:52