На прашањето кои нови и стари имиња ќе се најдат на листите за пратеници потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во интервју за дневникот на Канал 5 потенцираше дека во моментот се вршат консултации во партијата се со цел одбирање на најдобрите лица за пратеници, како и дека коалицијата за Обнова на Македонија ќе се прошири со нови политички партии кои досега не биле во коалиција со ниту една партија, а ќе има партии кои што претходно коалицирале со СДСМ.

-Во тек се консултации во ВМРО-ДПМНЕ. Прво ја прошируваме Коалицијата Обнова на Македонија, тоа ќе биде најголема коалиција во Република Македонија, тука остануваат сите постојни партнери на ВМРО-ДПМНЕ и додаваме нови партнери на ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив не се сојузувале со други политички партии, а дел беа во постојната коалиција на СДСМ, што само кажува дека ќе се работи за еден голем бран кој што треба да ги направи промените во Македонија. Второ во однос на кадровската понуда во моментот правиме сондажи на терен, за луѓето кои што се заинтересирани да бидат пратеници во собранието, се распрашуваме за нив, правиме анкети, комуницираме со нашето членство, со неопределени, со оние кои што се разочарани СДСМ и верувајте дека ќе ги имаме токму оние кои најдобро ќе ја претставуваат ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и секако ќе имаме позитивни изненадувања во носителите, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски.