Екипите на Град Скопје денеска ја почнаа втората фаза од реконструкцијата на улицата „Индира Ганди“ во Општината Шуто Оризари. Обновата на вториот дел од оваа фреквентна сообраќајница е предвидено да заврши во рок од 50 дена.

– Како што ветивме минатата есен кога ја почнавме реконструкцијата на првата фаза од улицата „Индира Ганди“, оваа пролет ја почнуваме реконструкцијата на втората фаза од оваа улица, и тоа во должина од 800 метри, од улицата „Бутелски венец“ до улицата „Нов живот“. Ќе биде заменет стариот асфалт кој е целосно уништен, ќе се заменат оштетените рабници, а ќе бидат реконструирани и тротоарите. Инвестицијата на Градот Скопје во овој проект изнесува околу 13,5 милиони денари со ДДВ, рече градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи на улицата „Индира Ганди“.

Тој нагласи дека во текот на реконструкцијата на оваа делница, во овој дел од градот ќе биде воведен привремен сообраќаен режим.

– Ги замолувам граѓаните за разбирање и за почитување на тој привремен сообраќаен режим, се со цел што е можно побрзо да завршиме со реконструкцијата на оваа улица која повеќе од 30 години не е реконструирана. Градот Скопје вложува во сите делови од градот зашто за нас сите граѓани се исти и имаат исти потреби од добра инфраструктура. На почетокот на оваа пролет, кога ќе почне сезоната за садење, овде ќе подигнеме и нов парк – прв парк кој што ќе го уреди Градот Скопје во Шуто Оризари за потребите на граѓаните, најави Шилегов.


Администратор
13/02/2020 22:46