Единствена Македонија, денес, среда, 12.02.2020 во Собранието на Република Македонија поднесе Иницијатива за распишување на референдум за членство на Македонија во НАТО - Сојузот во смисла на член 120 од Уставот со прилог Писмо - предупредување до сите пратеници за последиците од непочитување на Уставот.

Во изјава за медиумите портпаролот на Единствена Македонија Синиша Николовски изјави:

Вчера Собранието на Република Македонија го донесе Законот за ратификација на Северно атланскиот договор. Претходно, Собранието на 23 декември 1993 година донесе Одлука за стапување на Република Македонија во членство во НАТО.

Вчера слушнавме дека по донесувањето на овие акти Република Македонија веќе била членка на НАТО.

Меѓутоа, тоа не е точно. Со донесувањето на Одлуката и ратификацијата на НАТО-договорот, постапката за прием во НАТО со тоа не е завршена.

Уставот на Република Македонија мошне јасно ја утврдува постапката за прием на Македонија во сојузи. А НАТО според своите документи не се смета за меѓународна организација, туку самиот се дефинира како Сојуз, односно, НАТО - Сојуз или на англиски во оригинал NATO - Alliance. Според Уставот на Република Македонија (член 120) актите донесени од Собранието за членство на Република Македонија во НАТО - Сојузот се сметаат за усвоени ако на референдум за нив глaсале мнозинството од вкупниот број избирачи.

Значи, внимавајте добро, според Уставот сега е потребно Собранието на Република Македонија да распише референдум за усвојување или неусвојување на актите за прием на Република Македонија во членство во НАТО - Сојузот. Според Уставот, последниот збор за членството на Македонија во НАТО треба да го кажат на референдум македонскиот народ и државјаните на Република Македонија.

Очекуваме пратениците да ја започнат законодавната постапка за распишување референдум за членството во НАТО. Затоа, денеска со Писмо-предупредување ги потсетуваме пратенциите да го почитуваат Уставот. Во спротивно, за кршење на Уставот како највисок правен акт во државата, одговорност мора да има.