Во рамки на акцијата „обновата пред вашиот дом“ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја заврши посетата во Гевгелија на средба со пензионери од овој град. Мицкоски на пензионерите им порача дека новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да се слика играјќи шах со пензионерите само пред избори туку за нив ќе работи во текот на целиот мандат.

- Остварив средба со пензионерите во Гевгелија. Велат Владата не разочара, не се купува гласот со она малку што ни го даваат пред изборите и што е неколку пати помалку од она што ни следуваше. И во право се, тоа се вика измама. Го гледам Заев игра шах пред некој ден, се наместиле на сликање, се сети на пензионерите 2 месеци пред избори. Но играњето шах е помалиот проблем, проблемот е што Заев си игра со 300 илјади пензионери и удира по нивното достоинство.

Со промената на законот за пензиско и инвалидско осигурување, СДСМ и Заев во првите 6 месеци од 2019та одзема 445 денари месечно, а во вторите 6 месеци од 2019та одзема дополнително 705 денари месечно. Вкупно во 2019 година СДСМ на пензионерите им одзеде 6900 ден или по 575 денари месечно. Денес покачувањето со кое се фалат е помало од парите кои им ги украдоа. Затоа нивните пензии мора да се покачуваат многу повеќе за да можат да ги следат трошоците на живот кои растат многу повеќе од тоа што Заев го нарекува зголемување на пензиите. Да не збориме за другите права и услуги кои им ги укинаа. Следува вистинска грижа за пензионерите, следува и враќање на достоинството и почитта. Следува обнова од која ќе се забележи разлика и подобар живот, истакна Мицкоски.