Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамки на акцијата „обновата пред вашиот дом“ денеска беше во посета на Радовиш при што оствари средби со стопанственици од Радовиш како и со жителите на овој град.

Во својата изјава, Мицкоски потенцираше дека денешната слика е поразителна а секој ден сме сведоци на се поголем број на одлив на млади луѓе но и на т.н. „одлив на мозоци“.

- Денешната изјава би ја започнал со една за жал неславна констатација која што е поврзана со една поранешна изјава која што Зоран Заев ја даде поврзана со терминот brain drain или одлив на мозоци, кој што за жал тогаш ја употреби во една поинаква смисла дека ги проклатил главите како што тој кажуваше.

Но, за жал денешната слика е поразителна и гледаме дека Македонија е лидер практично во регионот по одлив на мозоци, односно одлив на квалификуван кадар од нашата држава. И тоа е еден навистина катастрофален податок во низата катастрофални податоци кои што во последно време ми пристигнуваат од реномирани светски институции.

Денеска сум овде во Радовиш да поразговарам токму на оваа тема бидејќи и Радовиш како општина и стопанствениците се погодени од иселувањето, од одливот на квалификувана работна сила и практично неможноста таа квалификувана сила бргу да биде заменета со нова квалификувана сила. Така што навистина поразителна е ситуацијата и во државата, но и овде во општина Радовиш. Разговаравме овде и во компанијата “Алфа инженеринг”, една од поуспешните компании на ниво на општина Радовиш, разговаравме со сопственикот околу реалната економска состојба, околу можностите кои идната влада на ВМРО-ДПМНЕ може да му помогне на стопанството, побаравме негови идеи и размисли, негови проекти кои што цениме дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ би можела да ги имплементира.

Продолжуваме во текот на денот да се состануваме и со други стопанственици овде во општина Радовиш, со превозниците исто така ќе имаме средба, се разбира со сограѓани, со активистите на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на Општинскиот комитет, а утре продолжуваме во друга општина овдека во југоисточниот регион, истакна Мицкоски.