Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со меѓународниот секретар, Тимчо Муцунски денеска (24.01.2020) остварија средба со Јоханес Реј, директор на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Република Македонија.

На средбата се разговараше за соработката на ВМРО-ДПМНЕ со Фондацијата, актуелната политичка состојба во државата, македонската европерспектива и предизвиците со кои се соочуваме, како и за престојните парламентарни избори во Македонија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се заблагодари за досегашната соработка со фондацијата која е на одлично ниво и е од особено значење во периодот пред предвремените парламентарни избори, размената на искуства и знаење во престојниот период е клучна.

Во однос на актуелната политичка ситуација Мицкоски ги посочи поразителните истражувања на „Транспаренси Интернешнл“ за перцепција на корупцијата според која Македонија е на врвот според корупцијата на Балканот како и она на угледниот британски весник „Економист“ кој ја класифицира нашата држава како „хибриден режим“.

Тој потенцираше дека клучна стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ е членството во Европската Унија, но поради високата корупција и вмешаноста на високи државни и партиски функционери на СДСМ во коруптивни афери се загрозува нашата европска перспектива. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека по победата на 12 април, новата Влада има план како да се справи со овој горлив проблем и има план како да ја стави Македонија на брзата трака за членство во Унијата.

Соговорниците се согласија дека првиот и клучен услов за европската иднина на државата се фер и демократски избори на 12 април, волјата на граѓаните мора да се почитува.

Со почит, Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ


Администратор
24/01/2020 16:14