„Бегалската криза беше голем предизвик за општина Гевгелија, бидејќи за една и пол година низ нејзината територија поминаа 800.000 мигранти“.
Гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков и претседателот на општинскиот совет Тодор Ристов, во шпанскиот град Алмерија учествуваат на меѓународна конференција за споделување искуства од бегалската криза на која присуствуваат претставници од шест европски земји.
-Бегалската криза беше голем предизвик за општина Гевгелија, бидејќи за една и пол година низ нејзината територија поминаа 800.000 мигранти, бројка што сама по себе доволно зборува за последиците од кризата во една мала општина како Гевгелија. По затворањето на балканската рута во прифатниот центар за транзит на мигранти, кој и натаму е отворен,само повремено и кратко престојуваат мал број мигранти. Но, на територијата на нашата општина и натаму се случуваат секојдневни инциденти со илегални преминувања на мигранти од грчка територија, истакна Поцков во своето обраќање.
Конференцијата е дел од европската програма „Европа за граѓаните’, чиј носител е грчката општина Пеонија. Општина Гевгелија стана дел од проектниот тим што го реализира проектот за споделување на искуства од мигрантската криза.