Британската Кралска ковачница издаде комеморативна метална паричка во чест на рок-групата „Квин“, и на покојниот пејач Фреди Меркјури.

– Ова е еден ‘кој би рекол’ миг. Имаме монета од нашето кралство, вредна пет фунти, изработена од Ковачницата. На едната страна е кралицата (The Queen – Елизабета Втора), а на другата е „Квин“ (Queen, групата). Тоа никогаш досега не се случило, изјави гитаристот на групата, Брајан Меј.

Сите британски монети и банкноти го содржат лицето на монархот.

Новата паричка е издадена во златен и сребрен дизајн и го има логото на бендот и инструментите на кои тие свират: Бекстајн клавирот на Фреди Меркјури, гитарата на Меј, тапанот на Роџер Тејлор и бас-гитарата на Џон Дикон. Цената варира од 13 фунти за сребреникот до 2.100 за златникот.

Ова е прва паричка од планираната серија „Музички легенди”, соопшти Кралската ковачница.


Администратор
21/01/2020 11:25