Исчистена е уште една децениска, дива депонија во Бардовци, долж течението на реката Лепенец. Подигнати се 550 кубни метри отпад, кој со години се таложеше на оваа локација и придонесуваше кон зголемување на аерозагадувањето. Тука се палеа и огнови на отворено и се одлагал шут.

Акцијата ја спроведе Општина Карпош во соработка со ЈП „Комунална хигиена“ Скопје. Дополнително, ќе се постават бариери за да се спречи создавање на нова депонија, а се интензивираат и инспекциските служби на овој потег.

Во изјава за медиумите, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се осврна на интензивните активности на локалната самоуправа за заштита на животната средина:

- Минатата недела, затворивме и депонија во Злокуќани кај фудбалското игралиште. Со тоа, изминатиов период затворивме повеќе критични точки кои со години претставувале опасност за животната средина: депонијата кај „Газела“, депониите кај С.Ц. „Борис Трајковски“ и горе посочените депонии.

Исто така, започнавме со еден стратешки пристап кон расчистувањето на отпадот во Карпош. Оваа недела објавивме дека мапиравме 13 локации на кои има поголема количина отпад, a денешната локација е токму таква и е дел од мапираните локации. Во наредниот период продолжуваме со чистење и на останатите критични точки, рече Богоев.

Денеска, комуналните служби на Карпош чистат повеќе делови од Бардовци, а се мијат и улиците со цистерни од страна на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје. Исто така, се чисти и страничниот дел од патот кој води до „Свислион“.

Општина Карпош веќе ја спроведува и информативната кампања за правилно одлагање на џебен, комунален, кабаст и електричен/електронски отпад. Сите граѓани можат да ги добијат потребните информации на www.karpos.gov.mk , а се делат и информативни флаери во сите урбани заедници.


Администратор
23/11/2019 15:22