Карпош е Општината со најголем број на возрасни сограѓани, а во рамки на Неделата на грижа на стари лица, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје, одделот „Мајка Тереза“, во Злокуќани.

Пред присутните Богоев зборуваше за мерките кои локалната самоуправа ги презема за поголема инклузија на старите лица во рамки на локалната заедница.

- Со цел да обезбедиме сеопфатна грижа и нега за повозрасните и изнемоштени лица, аплициравме на повик до Министерството за труд и социјална политика, за проектот „Хумани патроли“. Со него се предвидуваат домашни посети, нега и здравствена заштита на изнемоштени и стари лица, како и на граѓани на кои им е потребна ваква поддршка.

Исто така, од следната година ќе организираме почести посети на ученици од основните училишта и деца од градинките во овие установи каде што се згрижуваат стари лица. Целта е заедно со младите да изработувате ракотворби, да се дружите и да ја унапредувате меѓугенерациската дружба. На тој начин ќе се одржува и вашиот дух, виталност, а и младите имаат што да научат од вас, рече Богоев.

Одделението за детска, социјална и здравствена заштита подготви и посебни пакети со храна, кои, при денешната посета им беа донирани на лицата од „Мајка Тереза“.

Општина Карпош продолжува да се грижи за највозрасните сограѓани и да инвестира во нивно вклучување во заедницата.


Администратор
19/11/2019 14:29