Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми го објавуваат 17-тото издание на конкурсот за наградата „Жан Моне“ за најдобри достигнувања во известувањето за прашања поврзани со темата „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”.

Наградата „Жан Моне“ ќе биде доделена во три натпреварувачки категории: најдобра новинарска сторија (за стории објавени во печатени медиуми и/или на интернет); најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет); и најдобра аматерска фотографија.

За најдобра новинарска сторија можат да учествуваат стории коишто се однесуваат на темата „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”, а чиишто автори се новинари од државата. Сториите треба да бидат објавени во домашни весници, списанија и на веб-страници, во периодот меѓу 25 ноември 2018 и 26 ноември 2019 година.

Сториите треба да ги исполнуваат следниве критериуми: да се однесуваат на темата „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”; да се објавени во периодот меѓу 25 ноември 2018 и 26 ноември 2019 година; да се потпишани со вистинското име на авторот.

Копии од новинарските стории во дигитален ПДФ формат, заедно со изјава во писмена форма, потпишана од авторот, со која гарантира дека таа/тој е автор на сторијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: JMcompetition@euhouse.mk, најдоцна до 27 ноември 2019 година, до 18.00 часот. Секој од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.

Наградата се состои од статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра.

Конкурс за најдобра репортерска фотографија (за фотографии објавени во печатени медиуми и/или на интернет) е отворен за сите професионални фоторепортери и фотографи од државата, кои може да поднесат до три фотографии на тема „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”, објавени во периодот меѓу 25 ноември 2018 и 26 ноември 2019 година.

Фотографиите треба да ги исполнуваат следниве критериуми: да бидат поврзани со темата „Да изградиме држава во којашто сакаме да живееме”; да се објавени во периодот од 25 ноември 2018 и 26 ноември 2019 година; да не се користени за комерцијални цели.

Копии од фотографијата/фотографиите во дигитален формат (големината на секоја фотографија треба да биде 3-5 MB), заедно со изјава во писмена форма и потпишана од авторот со која гарантира дека таа/тој е автор на фотографијата, треба да се испратат на следнава електронска адреса: JMcompetition@euhouse.mk, најдоцна до 27 ноември 2019 година, до 18.00 часот. Секој/а од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.

Наградата се состои од статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра.

За конкурсот за најдобра аматерска фотографија, можат да учествуваат сите фотографи аматери од државата кои може да достават една фотографија на тема „Чистата животна средина зависи од сите нас”. Фотографиите кои се натпреваруваат во оваа категорија може, но не мора, да бидат претходно објавени.

Фотографиите треба да ги исполнуваат следниве критериуми: да се однесуваат на темата „Чистата животна средина зависи од сите нас”; да не се користени за комерцијални цели.

Кандидатите за оваа категорија треба да ги испратат своите пријави на следнава електронска адреса: JMcompetition@euhouse.mk, најдоцна до 27 ноември 2019 година, до 18.00 часот. Секој кандидат може да испрати по една фотографија (големина на фотографијата 3-5 MB), како и да гарантира дека тој/таа е автор на фотографијата со испраќање изјава во писмена форма на истата електронска адреса. Секој од пријавените ќе добие потврда за прием по електронска пошта од страна на Europe House Скопје.

Наградата за аматерска фотографија се состои од диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 500 евра.

Жирито ќе се состои од седум члена – претставник од Делегацијата на ЕУ, претставник од Секретаријатот за европски прашања, минатогодишниот победник во рамки на категоријата за најдобра репортерска фотографија, минатогодишниот победник во рамки на категоријата за најдобра новинарска сторија, претставник од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, претставник од Македонскиот институт за медиуми, и истакнат новинар од регионот како почесен претседател на жирито.

Свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 11 декември 2019 година.


Администратор
14/11/2019 19:32