Општина Кочани, во соработка со Државниот инспекторат за земјоделство и со противпожарните и полициските служби, организира мешани патроли како дел од мерките против загадувањето на воздухот.

Во тек се засилени вонредни инспекциски контроли од тимови што работат во две смени на територијата на целата општина, во градот и во населените места. Се врши инспекција и на земјоделските површини и се постапува при откривање на случаи за палење на стрништата, како и за други дејствија што ја загрозуваат животната средина, меѓу кои е и палењето гуми.

Лабораторијата „Еколаб“ од Прилеп, како избран изведувач за дополнително мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во Кочани, ја утврдува состојбата со ПМ честичките и издувните гасови во воздухот на локации што се детектирани од страна на инспекциските служби, но и од телефонските јавувања на граѓаните.

– Имавме средба со претставниците на Граѓанското движење за чист воздух и ја утврдивме натамошната соработка за да одговориме целосно на задачите и да придонесеме во намалување на загаденоста на воздухот. Од голема помош е неодамнешното решение на Државниот инспекторат за животна средина за забрана за работа на индустриски загадувач, а нашите апели се сите поединци, институции и компаниите што поседуваат интегрирани еколошки дозволи да работат одговорно и совесно, истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.

Според информациите од комуналното претпријатие „Водовод“, на дневна основа се прави површински третман со земја на градската депонија, а наскоро ќе се спроведе и силиконско затворање на критичните позиции за да се спречи чадот од внатрешното согорување на метанот.

Проектот „Добра земјоделска пракса – богат биодиверзитет“ со кој сламата од оризовите ниви се користи за потребите на пречистителната станица за отпадни води веќе се реализира за да се намали навиката на земјоделците за палење на стрништата. За таа цел изработени се и едукативни медиумски содржини што ќе помогнат во градењето на јавната свест за намалување на аерозагадувањето.


Администратор
14/11/2019 14:25