Подобрување на културната програма и културните содржини за задоволување на потребите на граѓаните, формирање стратегија за култура на општината и останати предлози од областа на културата беа тема на денешниот втор културен форум во Крива Паланка на тема: ”Како да ја подобриме културната сцена во Крива Паланка?”.

На форумот присуствуваа претставници од општина Крива Паланка, во чија надлежност е областа на културата, културните установи: Национална установа Центар за култура, Локална установа Градски музеј, граѓански организации, неформални групи, уметници, креативци, љубители на уметноста и граѓани.

–Целта на форумнт е да се даде придонес во идентификувањето и дефинирање на стратешките приоритети и цели за унапредување на културата во Крива Паланка, како и да се креира листа со предлози за нови, атрактивни и креативни културни проекти, со можност да се реализираат во идниот период, информира Жаклина Цветковска од Центар за аудиовизуелни уметности, Крива Паланка, организатор на форумот.

Според изнесените податоци на вториот културен форум беше нагласено дека општината за новата Програма за култура за 2020 располага со рестриктивен буџет од околу 3 милиони денари и лимит на поголемите манифестации до 400.000 денари. Исто така програмата за култура за 2020 година е децентрализирана и дополнета со нови содржини каде неопходно е за секој настан да има изготвено програма.

–Како резултат на првиот форум генерално се дојде до заклучок според спроведената анкета, каде како целна група беше опфатена младата популација, дека младите се пасивни и покажуваат многу мал интерес за културни настани и манифестации кои се одржуваат во општината. Спротивно на ова, останатите граѓани покажуваат голем интерес за културата. Токму наодите од спроведените анкети даваат реална слика за состојбата во културата во Крива Паланка, потребна е нова програмска развојна компонента за културните манифестации, особено традиционалните, подолгорочно планирање на традиционалните и пообемни културни настани и манифестации, културните настани да ги организира Центарот за култура, додека пак Градскиот музеј, оние настани поврзани со културното наследство да се развие меѓуинституционална соработка, како и интегрирање на повеќе културни настани во една манифетсација, изјави Методи Цветковски од Центар за аудиовизеулни уметности.

На форумот се констатира дека неопходно е да се изработи и стратегија за култура на општина Крива Паланка за следните пет години, а беше истакнато и дека јавноста не е доволно информирана за културните настани.

Иницијатива на присутните е и да се формираат нови простори за културно изразување на младите, како и да се зајакнат технички и кадровски институциите.