Едноставниот начин да се реши корупцијата со која се соочуваат превозниците на границите е да се решат условите што водат кон корупција. Ако на една граница видите 20-километарски редици, тогаш тоа е средина што сама по себе помага појава на корупција. Кога имате заглавен камион на граница, тоа не е само еден камион, туку е заглавена една цела економија.

Тоа го порачува во интервју за МИА генералниот секретар на најголемата транспортна асоцијација во светот Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ) Умберто де Прето, кој учествуваше на Генералното собрание на Унијата на патни транспортни асоцијации од Црноморскиот Регион BSEC-URT што се одржа во Скопје, во организација на СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ, која како полноправен член заедно со асоцијациии од Турција, Молдавија, Романија, Грција, Србија, Албанија, Бугарија и Украина.

Што значи за работата на нашата транспортна заедница одржувањето на Генералното собрание на BSEC-URT и какви пораки можеме да очекуваме?

-Прво треба да се утврди кои се главните проблеми што го попречуваат транспортот во Македонија, како да ја зголемиме трговијата помеѓу земјите од БИСЕК како таа дополнително да се зголеми со ЕУ и со Блискиот Исток. За да го постигнеме ова треба да видиме колку можеме да заштедиме во чекањето на граничните премини. Транспортерите да минуваат на границите за минута, а да не мора да чекаат со часови, денови, а понекогаш и со недели. Кога имате заглавен камион на граница, тоа не е само еден камион, туку е заглавена една цела економија. Во транспортот времето е од огромно знаење бидејќи значи пари, а ако го намалиме времето на чекање, ќе ја зголемиме конкурентноста во земјата. Сега ги разгледуваме препреките за растот на економијата во Република Македонија, односно како ние како Бисек и како ИРУ можеме да соработуваме и како со јавно-приватно партнерство во соработка со владите да ги идентификуваме проблемите и да најдеме решение за нив. Имате одличен претставник, претставени сте од АМЕРИТ, којшто ќе се бори за вас на меѓународно ниво, а ние ќе ги посоветуваме со најдобрата практика како ефикасно и добро да ја извршат оваа работа.

Покрај отстранување на пречките за побрз проток на стока и подобрување на патната инфраструктура превозниците велат дека голем проблем е корупцијата. Што е решението за тоа?

– Апсолутно дека има решение. Едноставниот начин да се реши корупцијата на границите е да се разрешат условите што водат кон корупција. Ако на една граница видите 20-километарски редици, тогаш тоа е средина што сама по себе помага појава на корупција. Ако јас сум последниот во 20-километарската редица, дефинитивно имам мотивација да му дадам бакшиш на тој што мислам дека треба. Затоа сакаме да воведеме е-тир, тоа е електронски систем и наместо со хартии и документи да треба да се оди до цариникот сè да се реши преку интернет предвреме. Сега се вратив од Саудиска Арабија каде што сакаат да го воведат овој систем, односно во сите земји во Заливот наместо камионот да чека да си ги пополни сите документи на интернет, да застане многу кратко и цариникот да се увери дека тоа е камионот и да си помине. Сакаат да го користат електронскиот тир за да се олесни трговијата, таа да биде побезбедна и да се намали корупцијата.

Ја потенцирате соработката со владите за добри решенија за транспортот…

-За да се подобри економијата и прашањата од животната средина ни треба добро решение за транспортот и добро е што има развиена свест и политичка подготвеност. Еден од тие начини е развојот на јавно-приватно партнерство, а доказ за тоа е соработката со АМЕРИТ. Многу сум задоволен што Северна Македонија сака да соработува со АМЕРИТ и со БИСЕК и да се отвори плодна зона на сорабока во БИСЕК-земјите и земјите од Блискиот Исток.

Колку се слуша гласот на транспортните асоцијации кај носителите на политичките одлуки кои на крај се најважни за да се подобрат условите за работа?

-Во земји каде што имаме наши членови тие соработуваат со Владата и економијата им е во добра состојба. Мислам дека тука кај вас АМЕРИТ прави солидна цврста соработка со Владата за да може да тргнат работите. Кога приватниот сектор не соработува добро со владите, очигледно е дека тогаш економијата стагнира. Најпросперитетните економии во светот се оние каде што приватниот сектор и Владата соработуваат рамо до рамо затоа што имаме иста цел-раст на економијата и развој и прогрес за сите.

Како им помага ИРУ на транспортните асоцијации?

-Ќе продолжиме да ги поддржуваме активностите на БИСЕК. ИРУ работи и надвор од регионот на БИСЕК. Сега дојдов од регионот на Саудиска Арабија каде што се сретнав со гувернерот за царини и зборував за тоа како во земјите од Блискиот Исток да имаме зелени ленти за сите видови сообраќај и како целиот сообраќај да се одвива по електронски пат. Зборувавме и за трговски маршрути, од Емиратите преку Саудиска Арабија, преку Ирак да се дојде до Турција, а потоа да се дојде и до Црното Море. Отвораме можности не само во Црноморскиот Регион, туку и поширокот. Исто така соработуваме со властите овде во Северна Македонија за да видиме како може да се дадат поголеми можности за туризмот и за трговија за сите овие земји.

Лидија Велковска


Администратор
19/10/2019 10:40