Истражувањето направено од ИПИС, Религија.мк и КАС, на репрезентативен примерок од 708 испитаници помеѓу 16-35 години, спроведено во втората половина на јуни 2019 година покажува дека половина од младите во Македонија прифаќаат предбрачни сексуални односи.
На прашањето дали за вас се прифатливи предбрачните сексуални односи високи 55 отсто одговориле потврдно, а 15 проценти дека тоа е за нив донекаде прифатливо. Од друга страна, неверството пред стапување во брак е прифатливо само за осум отсто, а за 12 проценти е донекаде прифатливо. Во однос на неверство во брак овие проценти се уште пониски, односно само за два отсто е прифатливо, а за пет отсто донекаде прифатливо.
Во однос на употребата на лесни дроги која е актуелна тема и во домашни, но и во светски рамки и е предмет на континуирана дебата меѓу противниците и приврзаниците на легализацијата на лесните дроги, испитаниците се релативно конзервативни, со оглед дека само седум отсто од нив изјавиле дека употребата на лесни дроги е прифатлива и дополнителни 12 проценти донекаде прифатлива.
Во однос на физичкото насилство помалку од еден процент изјавиле дека тоа за нив е прифатливо, а еден процент дека е донекаде прифатливо.
Кога станува збор за корупцијата односот на младите е негативен со оглед дека високи 58 отсто изјавиле дека таа е целосно неприфатлива, додека 19 проценти сметаат дека е донекаде неприфатлива како општествена појава. За само пет отсто давањето мито за услуга е прифатливо.