Под мотото „Нашите дејства се наша иднина! Здрава исхрана за свет без глад!“, Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) во Скопје, Министерството за земјоделство и граѓанската асоцијација „Слоу фуд Водно“ го одбележаа денеска Светскиот ден на храната во ООУ „Крсте Мисирков“ во Општина Гази Баба.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски истакна дека државата се обврза дека ќе работи посветено заедно со сите членки на ОН за постигнување на целта за одржлив развој „Нула глад“, но за тоа, како што посочи, е потребно дејствување и посветеност на сите сектори, професии, поединци.

Посочи дека климатските промени се закануваат да го намалат и квалитетот и квантитетот на земјоделските култури, намалувајќи ги со тоа и приносите.

– Затоа од клучна важност е примената на паметни решенија за производство на квалитетна храна за да се заштити биодиверзитетот и природните ресурси, како и да се зголеми отпорноста на земјоделското производство кон климатските промени, изјави Димковски.

Резидентниот координатор на ОН во земјава Росана Дуџак истакна дека постигнувањето на целта Свет без глад не се однесува само на прехранување на гладните, туку станува збор и за здрава исхрана на луѓето, што вклучува доволно разновидна, безбедна и храна со доволно хранливи материи, истовремено, како што рече, одржувајќи го здравјето на планетата.

Истакна дека треба да се промени фокусот од производство на повеќе храна, во производство на поздрава храна.

Според Дуџак, мора да се воспостават политики и регулативи за овозможување достапност на здрава храна за секого, како и да се воведе проширување на едукацијата за храна и здрава храна таму каде што е применливо.

– Сите можеме да ги поддржиме локалните производители на храна, да започнеме здрав режим на исхрана, да го намалиме отпадот од храна и да бидеме посвесни за животната средина, додаде Дуџак.

Основното училиште „Крсте Мисирков“ во Скопје оваа година е избрано како одличен пример за вобедување на практичка едукација за жќивотната средина и здрава исхрана во редовната училишна програма, преку сопствената училишна градина за одглеудвање овошје и зеленчук.

Со тоа овогодинешниот Светски ден на храната во земјава повторно се фокусира на младите, истакнувајќи ја важноста на училишните градини како моќна алатка за подобрување на квалитетот на исхраната и образоанието на децата, нивните семејства и заедниците.

Во рамки на настанот се одржа и предавање на тема „Здрава исхрана – време е за промени“ од Драган Јованов, експерт по фитомедицина и агроекологија, изложба на здрави оброци подготвени од учениците од „Крсте Мисирков“, цртање цртежи за учество на глобалниот конкурс на ФАО за Сетскиот ден на храната, како и кулинарска работилница на која учениците и готвачите од Слоу Фуд Водно подготвија здрави производи од градината.

Светскиот ден на храната се одбележува од 1945 година, а оваа година се фокусира на потребата од обезбедување здрава и одржлива исхрана физички и ценовно достапна за секого. Постигнувањето на Целта за одржлив развој – Нула Глад (Zero Hunger) не се однесува само на прехранување на гладните. Станува збор и за здравата исхрана на луѓето, која вклучува доволно разновидна, безбедна и храна со доволно хранливи материи – истовремено одржувајќи го здравјето на планетата од која сите зависиме.


Администратор
16/10/2019 13:21