Очекувам Европската унија да се врати на изворните принципи и да покаже поголема грижа и внимание за процесите за проширување за да биде потврдена силата на привлечност за членство во ЕУ, и за да се елиминира интересот на трети страни во регионот. Ние веруваме во идејата на ЕУ, и ќе останеме посветени на тој пат.

Такви пораки упати денеска премиерот Зоран Заев на дебатата „Македонија: Европски перспективи и зајакнување на домашните реформи за социјална еднаквост“, што се одржа во организација на Институтот „Карл Ренер“ и Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Виена.

– За Република Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО. Ние го искористивме нашето време во „чекалната“ и денес сме подготвени и политички и институционално за старт на преговорите за членство во ЕУ. Ја разбираме Франција, но сметаме дека проширувањето може да оди паралелно со дебатата за новата методологија за членство во ЕУ, рекол Заев, соопшти владината прес-служба.

Тој повторил дека се уште е оптимист и оти очекува лидерите на земјите на ЕУ на Самитот во Брисел да донесат одлука да почнат преговорите за членство за нашата земја.

Премиерот претставил најзначајните поенти од реформските процеси и нагласил дека како целосно посветена на овие процеси, Владата ја обнови демократијата и испорача конкретни резултати во четири области, како што се бараше во Заклучокот на Советот на ЕУ во јуни 2018 година, во владеење на правото, антикорупција, безбедносни реформи и реформи во јавната администрација, и паралелно беа остварени значајни позитивни промени и во социјалната сфера, информира владината прес-служба.

– Ја покачивме минималната плата два пати за две години. Ја зголемивме поддршката за социјална помош за 300 проценти во корист на 30 илјади семејства. Зголемена е поддршката на децата за 70 илјади деца. Платите во јавниот сектор, за лекарите, социјалните работници и наставниците, се повисоки. Воведовме социјална пензија, така што старите граѓани не остануваат без никакви приходи. Ние сме посветени да градиме општество што е социјално праведно и каде сите имаат еднакви шанси, нагласил Заев на дебатата на која учествуваше и Андреас Шидер, член на Европскиот парламент и претседавач со Делегацијата на заедничкиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија

Премиерот потенцирал дека на меѓународен и на билатерален план Владата успеа да ги реши билатералните спорови со Бугарија и Грција со што државата е без отворени прашања со соседите, како единствена на Западен Балкан од таа перспектива.

– Договорот од Преспа е достоинствено и прифатливо решение за обете страни. Таа се заснова на компромис што гради пријателство. Компромис што е добар и за двете страни. Заедно со премиерот Ципрас создадовме модел за решавање на комплексни прашања, посочил Заев и додал дека тоа е препознаено и афирмирано од меѓународната заедница, вклучувајќи го и претседателот на Франција, Емануел Макрон кој даде поддршка на овие политики во пресрет на референдумот за промена на името како чекор кон членството во ЕУ и НАТО.

Како што најави владината прес-служба, премиерот Зоран Заев денеска и утре ќе престојува во работна посета на институциите на Европската Унија во Брисел. Со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, попладне ќе имаат средба со еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан. Најавени се средби и со претседателот на Европскиот парламент, Давид Марија Сасоли и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. За утре, пак, е планирана средба со потпретседателот на Европската Комисија, Франс Тимерманс.


Администратор
16/10/2019 13:19