Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција утре ќе поднесе обвинение за случајот „Рекет“, потврди државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

– Истрагата во првиот дел за „Рекет“ е при крај. Обвинителката Вилма Рускоска работи на донесување јавно-обвинителска одлука. Колку што сум информиран во текот на утрешниот ден ќе селди обвинение за тој дел, изјави денеска Јовески.

Во „Рекет“ првоосомничен е Бојан Јовановски (Боки 13) за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари и други приноси од казниво дело. Второосомничен, за трговија со влијание, е Зоран Милески Кичеец, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е третосомничена за злоупотреба на службената положба и овластување.

Јовановски и Јанева се во притвор во КПУ Затвор Скопје, а Милевски е во домашен притвор.

Јовановски вчера требаше да даде исказ во Обвинителството, но му се слоши и со брза помош беше однесен во болница, а потоа вратен во притвор.

Исказ во Обвинителството нема да дава ниту Катица Јанева. Нејзината адвокатка Ирена Фрчковска за МИА потврди дека таа во оваа фаза нема да дава исказ, но ќе го задржи правото во однос на предлагање сведоци и докази понатаму во постапката.


Администратор
09/10/2019 13:55