Александар Николоски потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Димитров, министерот за надворешни работи на Република Македонија се соочија на ТВ дуел на Телевизијата 24. Николоски истакна дека власта никогаш немала да го открие случајот „Рекет“ ако тоа не го стореле новинарите, додека Димитров истакна дека опозицијата сака да го вплетка во овој случај а дека тој ниту милиметар не е поврзан со рекетарскиот скандал.

- Имавме афера за Рашковски – никој не се занимава со тоа, туку се повикуваат новинари да ги кажат изворите, а на едниот му се закануваат со кривична пријава. Видовме преку Рекет како се финансираат медиумите и како добиле желба одредени компании да се рекламираат, а во други медиуми немаат желба тие компании да се рекламираат, силно биле мотивирани баш таму да ги пласираат маркетинг буџетите. На отворањето на тој медиум се построи цела влада и владини аналитичари. Рекет немаше да го откријат институиите, ако не беа новинарите. Заради храброста на ден новинар е објавена аферата и немаше потег од ОЈО. Случајот е пријавен во мај, дури во јули ОЈО презема активности – рече Николоски.

Во врска со случајот „Рекет“, Димитров беше дециден дека воопшто не е инволвиран.

- Обидот со лаги да ме извалкате или да ме „пикате“ во „Рекет“ е безобразен. Милиметар немам со таа приказна. Планината што доаѓа по датумот за преговори е токму да се справиме со оваа грозна спрега на подземјето. Тоа што излезе од бомбите го немаме сериозно чепнато, а треба и ќе има одговорност, му рече министерот на Николоски.