Царината во последните две години има преземено повеќе мерки за олеснување на трговијата и царинската постапка. Од 1 јуни годинава почна примената на системот за бесхартиено работење, 40 отсто од царинските постапки се вршат преку овластените економски оператори, а наскоро ќе почне и проект со Светска банка за едношалтерски систем.

Ова го посочи директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски на средба со стопанственици во Сојузот на стопански комори истакнувајќи дека целта е да создадат институција што е партнерски ориентирана кон деловната заедница.

–Последните две години што изминаа, благодарение на посветеноста на вработените во Царинската управа , успеавме да финализираме неколку крупни проекти од различни области, кои доведоа до огромен напредок и модернизација. Резултатите што ги постигнавме се показател дека со голем ентузијазам, посветеност и доверба во сопствените капацитети се постигнуваат зацртаните цели и поставените приоритети, рече Танасоски.

Тој додаде дека со донесување на новата стратегија на Царинската управа имаат визија да бидат водечка управа во регионот што ќе даде силна поддршка на легалната економија, целосно усогласено со стандардите на Европската унија.

– Да создадеме институција што е партнерски ориентирана кон деловната заедница. Тука, пред се, мислам на поврзаност со економските оператори, царинските застапници, агенциите и службите присутни на граница, соседните царински служби. Подобрувањето на поврзаноста треба да придонесе кон значително подобрување и усовршување на работата на Царинската управа, што треба да го направиме во тесна соработка со деловната заедница, што за крајна цел треба да придонесе кон подобрување на економската конкуретност на нашата економија, рече директорот на Царината.

Посочи на податоците дека 40 проценти од царинските постапки се вршат преку седумте овластени економски оператори и оти се очекува со давање дозвола на седум нови коишто се во постапка, тој процент да се зголеми на 62.

Според потпретседателката на ССК Габриела Кулебанова, за да се обезбеди успех на реформските програми потребна е конструктивна и одржлива двонасочна комуникација и интеграција помеѓу Царината и деловната заедница.

– Ова повисоко ниво на соработка ќе доведе до засилено темпо на доверба и ќе се обезбеди партнерство на долг рок, што ќе има значително влијание врз економскиот просперитет. Секако, ефикасното фукнционирање на работата на царинските служби влијае истовремено и како заштитен фактор за стопанството во земјата, штитејќи го нивното работење да не биде поткопано од нелојална конкуренција и од незаконски активности. Веруваме дека сите заложби за осовременување и дигитализација на царината за олеснување на трговијата се во насока и на елиминирање на корупцијата, за која институциите треба да се заложат за откривање на причините на ваквата појава и за нејзино искоренување, истакна Кулебанова


Администратор
11/09/2019 14:01