И по шест часа преговори лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицковски не најдоа решение за Специјалното јавно обвинителство и за предметите што ги отвори ова обвинителство. Преговорите се уште се во тек, но најверојатно вечерва нема да има договор.

Новинарските екипи кои цела вечер во Собранието ја следеа лидерската средба, си заминаа.

Средбата почна околу 20 часот, а на неа покрај лидерите на власта и опозицијата, присутни се и министерката за правда Рената Дескоска и претставниците на работните групи од двете партии. Преговарачките тимови направија една пауза по што повторно продолжија разговорите.

Извори од преговарачките тимови брифираа дека нема суштински напредок во разговорите и оти двете страни остануваат на своите ставови околу продолжувањето на предметите на СЈО и статусот на обвинителите од СЈО.

Законот за јавното обвинителство се очекува да биде донесен најдоцна до 15 септември, а за да биде усвоен потребно е двотретинско мнозинство во Парламентот. Неговото носење е клучно и за евроинтегративните процеси на земјата.

Лидерската средба уследи по неколкуте неуспешни обиди на работните групи да ги усогласат ставовите околу клучните разлики за Законот за јавното обвинителство со кој се решава и статусот на Специјалното јавно обвинителство.